Ново невреме во Тетово: Поплавени дворови и улици, излеани канализации и оштетени автомобили

Од Кризниот штаб на Општина Тетово во Регионалниот ЦУК информирале дека од невремето бил блокиран локалниот пат за селото Вјеце на Шар Планина, како и патот кај тетовската касарна, кој бил поплавен, а едно возило било заглавено

Поплавени дворови од семејни куќи, излеани канализации и оштетени автомобили се штетите од невремето кое вечерва го зафати Тетово и Тетовско, а кои биле пријавени на единствениот телефонски број за итни случаи -112, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).  

Поплавени улици по вечерашното невреме во Тетово и Тетовско / Фото: Принтскрин од видео на „Glas.mk“

Нестабилната воздушна маса од Полошкиот регион во моментов ја зафати и скопската котлина, каде по силниот ветер почна да паѓа дожд проселен со чести електрични празнења во атмосферата. 

Инаку, во Полошкиот регион невремето проследено со обилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и локална појава на град, предзвикало проблеми на неколку улици во градот, каде е пријавена материјална штета. 

Како што информираат од ЦУК, вработен во ресторан во селото Лисец информирал дека од невремето биле оштетени повеќе автомобили на паркингот на угостителскиот објект и дека се очекува надлежните служби да извршат увид.  

Во 19:49 часот на 112 во ЦУК било пријавено дека по обилниот дожд вода навлегла во повеќе дворови на улицата Иво Лола Рибар и дека има материјална штета.  

Излевање на вода од канализација е пријавено на улицата „169“ во градот.

„Водата што се излева од канализацијата навлегува во дворовите на жителите во ова подрачје и преставува опасност за поплавување на нивните семејни домови“,

се вели во информацијата од ЦУК.  

Исто така, во Центарот за управување со кризи била добиена информација и се поплавени подруми од семејни куќи на улицата “172“ во Тетово.  

Од Кризниот штаб на Општина Тетово во Регионалниот ЦУК информирале дека од невремето бил блокиран локалниот пат за селото Вејце на Шар Планина, како и патот кај тетовската касарна, кој бил поплавен, а едно возило било заглавено.  

„Исто така има затнати канализации во горниот дел од градот и во Голема Речица, а големо количество вода има навлезено во приватни куќи, во дворовите и подрумите. Општинскиот кризен штаб е активен и се чека интервенција на кризните места, а од ЦУК, исто така, се запознаени и во Јавното комунално претпријатие ‘Канализација’ од Тетово коишто информираат дека ќе испратат луѓе за интервенција“,

информираат од ЦУК.  

Од невремето во Тетово / Фото: Принтскрин од видео на „Glas.mk“

Од радарскиот центар „Ѓуриште“ во ЦУК известиле дека иста е состојбата и во Гостиварско и Кумановско, како и дека нестабилната воздушна маса се движи кон Србија.  

Тетово и Скопје во неделата на 23 јуни, исто така, беа зафатени од силно невреме кое предизвика значителни материјални штети.  

- Реклама -