Ако неодамна го инсталиравте или апдејтиравте uTorrent торент-клиентот на вашиот компјутер, добри се шансите дека сте забележале некои несакани промени во однесувањето на машината. Еве што се случува.
На адресата на uTorrent пристигнаа милиони поплаки од корисници, кои тврдат дека при инсталацијата и ажурирањето на програмата, без нивно знаење им бил инсталиран и непосакуван гостин – Биткоин „рударски“ софтвер, наречен Epic Scale.
Ова парче код се инсталира со најновата верзија (3.4.2) и го користи вашиот компјутер како фарма за пари, поточно Litecoin – крипто валута, генерирајќи профит за сосема трета страна. Меѓу другото, тоа резултира и со значајно поголема оптовареност на процесорот, помала брзина на работа и поголема потрошувачка на енергија од страна на вашиот систем.
Веќе некое време, инсталацијата на uTorrent бомбардира со понуди за софтвер од сосема трети компании, кој ако не сте внимателни многу лесно можете да го инсталирате заедно со торент-клиентот. Но, корисниците велат дека и покрај тоа што ја познаваат таквата пракса и биле сосема внимателни, сепак го добиле Epic Scale на својата машина.
На почеток, официјалните лица од BitTorrent – компанијата што стои зад uTorrent, демантираа дека софтверот се инсталира самостојно. Тие не го оспорија постоењето на Epic Scale во пакетот, но беа упорни во тврдењата дека инсталацијата се случува само ако дозволи корисникот. Притиснат од количината на поплаки, менаџерот за поддршка сепак ја потврди ситуацијата. Во своја одбрана, тој го нарече Epic Scale „лесен за деинсталирање“, ама повторно, корисниците тврдат поинаку. Добар дел велат дека воопшто не можат да го најдат во листата во „Programs and Features“, на Windows. Од друга страна, од BitTorrent воопшто не негираат дека непосакуваната апликација го користи вашиот процесор за да прави пари за друга компанија.