Новиот бран на иднината: Транспаренти соларни панели

Замислете како би изгледал светот кога најголем дел од стаклените површини би генерирале соларна енергија како што генерираат соларните панели. Би било импресивно, нели?

Е па, инженерите од Државниот универзитет на Мичиген (MSU) веќе ги прават првите чекори кон таква иднина. Тие советуваат да се почне со употреба на транспарентни соларни панели. Во комбинација со оние обичните кровни панели, велат, нашата зависност од фосилни горива значително би се намалила, притоа задоволувајќи ја и големата побарувачка за електрична енергија, макар и кога се работи за земја како САД.

Предводени од Ричард Лант (Richard Lunt) – професор по хемиско инженерство и материјална наука, тимот од MSU создал транспарентен соларен концентратор кој може да создаде соларна енергија на било која отворена површина, без да го попречи погледот. Во теорија, ваквите панели би можеле да бидат користени кај смартфоните, кај прозорците, на зградите, па дури и на автомобилите.

Високо-транспарентните соларни ќелии го претставуваат новиот бран на иднината на соларната енергија, вели Лант. „Го анализиравме нивниот потенцијал, и покажавме дека со собирање дури и само на невидливата светлина, овие направи можат да овозможат сличен енергетски потенцијал како и кровните соларни панели“.

Колку за да имате претстава, ќе го земеме примерот со САД. Според Лант и тимот, само 1.5% од електричната енергија во САД се генерира по соларен пат. Со имплементирање на транспарентните соларни панели на вкупната постоечка стаклена површина од 5-7 милијарди квадратни метри (што сепак е невозможно да се случи во брзо време), уделот на соларната енергија во вкупното производство би се искачил на 40%.

Сепак, пред транспарентните панели да станат популарни како денешниве, ќе мора да станат поефикасни. Денешните соларни панели имаат ефикасност од 15%, а транспарентните моментално имаат само 5%. Сепак, Лант е оптимист, особено затоа што смета дека во овие 5 години истражување, транспарентните панели достигнале само третина од вкупниот потенцијал (што значи дека еден ден ќе достигнат ефикасност од барем 15%). Тимот ќе продолжи да работи на тоа поле, и иако не се очекува да ги надминат класичните, транспарентните панели ќе овозможат нова „рута“ за евтино и широкораспространето собирање на соларна енергија на површини што досега биле неупотребливи.

 

- Реклама -