Новинарот на „Шпигел“ измислувал емотивни лаги и за Балканот

Случајот со германскиот новинар кој лажирал стории сé уште е меѓу главните теми во медиумите од германското јазично подрачје. Се чешла секој негов напис и сторија, а притоа изглегуваат и нови лаги на виделина.

Така, се покажа дека Клас Релотиус пишувал лаги и за Балканот, од средби со воени ветерани во Сараево, па до крвна одмазда во Албанија…

Швајцарскиот Tages-Anzeiger, на пример, пишува дека статијата на Релотиус на две страници под наслов „Војна во главата“ од април 2012-та, објавена во TagesWoche, содржи фиктивни делови. Новинарот наводно во 2012-та посетил состанок на трауматизирани воени ветерани кои во Сараево се сретнале 20 години по војната.

Според Клас Релотиус, состанокот го организирал „Центарот за ненасилна акција“. Ивана Франовиќ – активистка за мир од наведената босанска невладина организација, вели дека не знае за таква конференција, ниту пак знае некоја друга невладина што организирала таков настан во регионот. Активистката Велма Шариќ од Центарот за истражување на судирите во Сараево исто така, на прашање од новинарите, изјавила дека никогаш не слушнала за таа конференција на балкански ветерани.

А во својот текст Релотиус цитира наводно хрватски ветеран по име Душан Новаковиќ, кој рекол дека војниците на Косово играле фудбал со разбиени черепи. „Но не се знае од каде тоа Новаковиќ го знае“, пишува Tages-Anzeiger, додавајќи:

„На Косово српските војници се бореа против албанските бунтовници; Хрватите не учествуваа во судирот на Косово. Не е јасно дали тие протагонисти воопшто постојат. TagesWoche (петочно издание на швајцарскиот весник) не ги прикажува на фотографиите“, велат од весникот.

„Често плачам во сон, а тоа не го забележувам, вели спрскиот ветеран Жељко Вукелиќ. На некои им недостасува рака, на други стапало или цела нога. Внимателно климнува со главата“ – вака новинарот Релотиус ги опишува наводните учесниците на наводната конференција на ветерани.

Весникот „A Neue zürcher zeitung am Sonntag“ (неделно издание на Нови циришки новости), меѓу останатото пишува и за репортажа која Релотиус ја објавил пред некоја година, а се однесува на затвор во Норвешка во кој новинарот спомнува непостоечки затвореник.

Но весникот исто така пишува и за уште една лажирана сторија од балканските простори.

„Друг пример потекнува од сторијата со наслов ‘Око за око, крв за крв’ – за крвната освета во Албанија, објавен на 9 декември 2012-та: репортерот следи наводен претставника на Националниот комитет за помирување, албанска невладина организација. Овој човек, стар 43 години, опишан како мрзоволно типче кое носи волнени џемпери и гумени чизми, во текстот се вика Јенва Баши“, истакнува весникот.

Но резултатите од проверката во „Националниот комитет за помирување“ велат дека таму никогаш не работел никаков Јенва Баши. Тоа го потврдува Џин Марку, шеф на споменатата албанска невладина организација.

„Досега не беше можно да се потврди постоењето на другите протагонисти во таа приказна. Можеби тоа и нема никогаш да се случи“, заклучува весникот.

НЕ ЛАЖЕЛ САМО ВО СТОРИИТЕ

Релотиус за „Шпигел“ (Der Spiegel) вели дека не се фалсификувани сите негови текстови. Кои се вистинити, а кои не се, најдобро знае само тој самиот. Но тој е недостапен за швајцарските весници кои исто така ги посочуваат и проверуваат неговите статии.

Меѓутоа, измамите не застануваат тука. Релотиус мамел и пред да стане успешен. На сајтот на Хамбуршката школа за новинарство, каде што бил студент, меѓу останатото споменува и дека работел за британскиот The Guardian. На барање да ја провери таа информација, од британскиот весник одговараат дека ги провериле сите нивни системи и нема никаков траг дека Релотиус некогаш пишувал или работел за „Гардијан“. Уште една невистина во делото на Клас Релотиус, констатира NZZ am Sonntag.

 

НИ ТОА НЕ Е СЕ’

Во меѓувреме се дозна дека Релотиус не само што измислувал и ги украсувал своите стории. Како што пишува „Spiegel“, се јавуваат сé повеќе луѓе кои ги потврдуваат основаните сомневања дека Релотиус преку својот и-мејл кај читателите покренувал и донаторска кампања – наведувајќи ги да донираат пари на неговата приватна сметка. Мамката била неговата репортажа за сираците од Турција, на кои новинарот наводно сакал да им помогне. Во меѓувреме се јавија сомнежи и за тој текст. Од тие причини, Der Spiegel, во чии редови најмногу се прослави германскиот новинар, најави дека против својот поранешен репортер ќе поднесе и кривична пријава.

- Реклама -