Општина Карпош продолжува со реконструкција на фасадите, овој пат станува збор за романските згради со број 4, 6, 8 и 10 на улицата „Никола Русински“ во Карпош 3. Земајќи во предвид дека романската кула со број 12 беше реконстурирана минатата година, жителите од овој дел ќе почуствуваат голема заштеда во текот на летниот и посебно зимскиот период во годината. Во екот на градежниот летен период, на обнова на фасади се работи на уште три други романски кули на територија на Општина Карпош. Градоначалникот Стевчо Јакимовски, во изјава за медиумите подетално образложи за целта на реконструкција на фасадите и нивната намена.
-Со оглед на тоа што во моментов се работи на седум фасади на згради на територија на Општина Карпош, целата инвестиција е околу 33 милиони денари, а буџетот на локалната самоуправа одвои над 20 милиони денари за реконстуркција на овие три кули кои се работат во овој дел од Општината. Градежните работи ги извршува фирмата „АЛДИНГ“. Граѓаните коишто живеат во овие романски кули ќе имаат заштеда на енергија. Инаку би сакал да ве известам дека одржавме два состанока со раководтсвото на БЕГ, односно оние што испорачуваат топлинска енергија на територија на Општина Карпош. Тие побараа од нас да им ги доставиме сите згради на коишто сме направиле термички фасади, се со цел да направат нови мерења и да ја намалат испорачката на топлинска енергија кадешто на тој начин ќе се намалат трошоците на граѓаните – рече Јакимовски.
Првиот човек на Општината ја информираше јавноста за акцијата на зградите кои се наоѓаат на улицата „Иво Лола Рибар“ наспроти студенскиот дом „Гоце Делчев“, кадешто ќе се менуваат покривите и ќе се постави изолација на покривната конструкција.
-Направена е пресметка и преговараме со граѓаните, сите тие четири згради повторно да се вратат во системот на топлификација со цел натаму да имаме поекономично греење, помала загаденост на човековата околина, а исто така свој придонес ќе даде и Општината Карпош. Како што веќе сте запознаени, изминатиот временски период веќе шест училишта ги преорентиравме на друг начин на греење, односно имаме нова понуда на топлификација којашто вели дека од оние трошоци кои што сме ги имале за затоплување ќе се намалат за 30 отсто за да повторно се вклучиме во системот на топлификација. Мислам дека бенефитот е огромен, пред се за граѓаните покрај оној естетскиот изглед со којшто се разубавува нашата општина, но во исто време со тоа се зголемува и буџетот на граѓаните, а имаме и индиректен однос кон човековата околина на нашата Општина – заврши градоначалникот.
Градежните активности од почетокот на работите на четирите романски кули е предвидено да завршат околу 45 дена, односно почетокот на октомври.