Николче Новески со години наназад важи за еден од најстандардните дефанзивци во Бундес лигата, а македонскиот ас одвреме навреме знае да се покаже и во голгетерско издание и на тој начин да му помогне на Мајнц при собирањето на што повеќе бодови во германскиот шампионат.
Токму тоа беше случај и вчера, кога Новески беше меѓу најзаслужните за триумфот на својот тим од убедливи 1:3 на гостувањето против Ајнтрахт.
Нашиот дефанзивец не само што одлично командуваше со последната одбранбена линија на Мајнц, туку одлично се снајде и во противничкиот шестнаесетник, па во 52. минута на асистенција на Милер го постигна третиот погодок за својот тим, ставајќи крај на надежите на Ајнтрахт дека во второто полувреме би можел да направи резултатски пресврт на овој натпревар.