Нова теорија за настанокот на прстените на Сатурн

СатурнЕдна од најинтересните мистерии на нашиот сончев систем, потеклото на прстените на Сатурн, би можело да биде космичко злосторство. Според некои нови докази, прстените се остатоци од неименуван сателит на Сатурн кој исчезнал пред околу 4,5 милијарди години.

Долго време општоприфатената теорија за настанокот на прстените била дека тие се остатоци од судир на две месечини, или на астероид и месечина. Но проблемот кај оваа теорија е што сите месечини на Сатурн се составени од речиси еднакви количини на карпи и мраз, додека прстените се составени од околу 95 проценти мраз. Ако тие настанале од судир на две месечини, или астероид и месечина, тогаш во прстените би требало да има повеќе камења.

Според новата теорија, прстените настанале пред неколку милијарди години, набрзо по создавањето на месечините на Сатурн. Според авторот на оваа нова теорија, Робин Кануп, во тој период околу Сатурн имало голем диск од водород, кој помогнал во создавањето и уништувањето на месечините. Големите месечини кои биле поблиску до планетата биле турнати во нејзината гравитација од овој диск. Месечините во период од околу 10000 години се приближувале поблиску до планетата сè додека не биле проголтани од неа.

Интересно е што прстените, кои настанале кога мразот се отцепувал од месечините, со текот на времето формирале нови помали месечини. Оваа теорија објаснува и како настанала внатрешната месечина Тетис, чие потекло до сега било необјасниво. Сатурн има 62 месечини, од кои 53 имаат имиња, а сондата Касини која орбитира околу планетата редовно открива нови месечини. Кануп вели дека оваа теорија важи само за прстените на Сатурн, и не одговара за оние на Јупитер, Уран и Нептун. [Saturn’s rings: Leftovers from a cosmic murder?]

- Реклама -