Што ако главната тема на филмот Титаник не е неубедливата романса меѓу Џек и Роуз? Што ако Титаник е научна фантастика? Што ако Џек е патник од иднината?
Токму ваква теорија кружи во последно време на Интернет. Суштината е следна: Џек е всушност патник низ времето, пратен за да ја спаси Роуз од самоубиство, а со тоа и да ја промени историјата.
Сигурно се сеќавате на сцената кога Џек Досон (Леонардо ди Каприо) ја наоѓа Роуз (Кејт Винслет) како стои од надворешната страна на оградата на бродот, спремна да скокне во океанот и да се самоубие. Џек започнува разговор и успева да ја разубеди од намерата. Звучи наивно, ама размислете вака: Ако Роуз скокнеше во океанот, многу веројатно е дека бродот ќе застанаше и ќе беше започната потрага, особено кога ќе се земе во предвид што Роуз патуваше со екстремно богато и влијателно семејство. Евентуалното доцнење на бродот би значело дека Титаник ќе го затекне потопло време и дека најверојатно ќе ја промаши сантата. како аргумент, теоричарите го наведуваат моментот во филмот кога Џек сам на себе си пишува порака дека треба да поминува што повеќе време со Роуз – неговата мисија е да го осигура нејзиниот опстанок.
Уште ви звучи смешно? Постојат и посилни аргументи што ја потврдуваат теоријата, особено во делот со „патување низ времето“.
1. Џек спомнува дека бил на риболов на езерото Висота, кое е вештачки направено во 1917-та год., 5 години по потонувањето на Титаник. Во таа сцена, Џек и раскажува на Роуз дека кога паднал во ледот на езерото, се чувствувал како да го бодат илјада ножеви.
2. Џек тврди дека ќе ја води Роуз на ролеркостер во Санта Моника, кој всушност е изграден во 1916-та година. Ако Џек не е патник низ времето, како тогаш би ги знаел сите овие нешта? Да не спомнуваме дека додека Џек ја слика Роуз, и раскажува дека продавал портрети за 10 центи, покрај ролеркостерот.
3. Фризурата на Џек воопшто не прилега на тие времиња, а ранецот што го носи не бил модерен се до 1930-те.
Едно е сигурно – ако филмот Титаник не е замислен како научна фантастика, тогаш се работи за невнимателност на режисерот Џејмс Камерон, кој очигледно потфрлил при проверката на фактите. Од друга страна, зборуваме за истиот режисер кој го сними филмот Терминатор – робот пратен од иднината за да го спаси човештвото. Случајност? Тешко.