Нова пречка на патот кон Марс – херпес

Новото истражување на НАСА покажува загрижувачки резултати. Имено, кај повеќе од половина од астронаутите, при патувањето на вселенскиот шатл и Меѓународната вселенска станица (ISS), доаѓа до реактивација на латентните (неактивни) херпес вируси. Објаснувањето е прилично едноставно – стрес.

„При вселенските летови доаѓа до зголемување на лачењето на стрес хормоните како кортизол и адреналин, за кои е познато дека го потиснуваат имуниот систем“, вели авторот на студијата Сатиш Мехта – истражувач од Johnson Space Center. „Согласно ова, најдовме дека имуните клетки на астронаутите – особено оние кои обично ги потиснуваат и елиминираат вирусите, стануваат помалку ефективни за време на вселенските летови, а некогаш и во 60-те дена потоа“.

Во истражувањето, објавено минатиот месец во Frontiers in Microbiology, Мехта и колегите наведуваат дека астронаутите исфрлаат двојно повеќе херпес вируси во урината и плунката за време на вселенските патувања, за разлика од пред или по нив. Главната причина, велат, е едноставно стресот што е резултат на патувањето во вселената.

Прочитајте и:  Трамп не успеа да го види фаќањето на ракетата на SpaceX, таа се спушти во Индискиот океан

„Астронаутите на НАСА поминуваат недели па и месеци изложени на микрогравитација и космичка радијација, а да не ги споменуваме и G-силите при полетувањето и враќањето во атмосферата“, објаснува Мехта. „Овие физички предизвици се придружувани од дополнителни извори на стрес, како отсеченоста од човештвото, затвореноста во мал простор и изменетиот циклус на спиење и будење“.

Олеснително е што самите симптоми на вирусот се појавуваат прилично ретко. Од 89 астронаути проучувани од тимот истражувачи, само на 6 им излегол херпес додека биле во вселената, што е стапка од релативно мали 7%.

Од друга страна, исфрлањето и распространувањето на вирусот се зголемува правопропорционално со должината на престојот во вселената, па научниците се загрижени дека овој феномен би можел да го загрози патувањето во длабоката вселена.

„Иако само мал процент развиваат симптоми, стапката на реактивација на вирусот се зголемува заедно со должината на летот, што може да претставува значителен здравствен ризик на мисиите до Марс и подалеку“, се вели во извештајот.

- Реклама -