Нов Зеланд: Претставена кабина за „автоматски преглед на тестиси“ (видео)

Дали некогаш сте помислиле да одите на преглед, но не сте го направиле тоа бидејќи треба да се соблечете и ви е срам? Очигледно тоа е случај кај многу од мажите, па затоа во Нов Зеланд е претставена кабина за „автоматски преглед“ на тестисите без потреба од средба лице в лице со доктор.

Се работи за новата кабина наречена „Testimatic“. Но, нека не ве лаже името – не се работи за некаква хај-тек технологија, туку напротив: влегувате во кабината, ја навлекувате завесата и ги симнувате панталоните, а од другата страна обичен уролог од крв и месо ја подава раката низ дупка во ѕидот на кабината и ви ги опипува тестисите…

Кабината, најавена како „првиот автоматски преглед на тестити на светот“, е претставена на „саемот за играчки за големи момци“ (Big Boys Toys) во Окленд. Се работи за саем на сé што, според стереотипите, би било предмет на интерес на мажите: автомобили, спорт, скара, алати и сл.

Со оглед дека ракот на тестисите е најчест од сите облици на рак кај младите мажи во развиените земји, Testimatic е уште еден од начините за подигнување на свеста околу потребата од редовни прегледи и превенција на ракот на тестиси, што не значи дека „машината“ не е вистинска. Се работи за форма на рак кај која постојат високи шанси за лекување, но тоа зависи од тоа кога болеста ќе биде откриена. Ракот на тестиси е излечен кај 90% од случаите, а кога е откриен во рана фаза, таа бројка достигнува 95%.

Типични симптоми се болки, оток, како и секоја промена во обликот и текстурата на тестисите. Затоа не чекајте на Testimatic, а ни на појава на симптоми – правете редовни прегледи.

- Реклама -