Нов Зеланд сака да го спречи понатамошниот раст на популацијата на зајци, а за најсоодветно решение избраа на целата територија да ослободат специјализиран вирус што ги напаѓа само овие животни.
Во некои делови од земјата дивите зајци не само што ги сметаат за штетници, туку ги викаат и „чума“. Како одговор, властите во март ќе ослободат вирус RHDV1-K5. Додека земјоделците главно го поддржуваат потегот, има и забелешки, главно околу ризикот што вирусот би можел да го има по домашните зајци и зајците што се чуваат како домашни миленици.
Зајците во Нов Зеланд се појавиле околу 1830-та година, а одамна им прават проблеми на фармерите. Се проценува дека директната штета од уништување на пасиштата и копањето дупки изнесува околу 36 милиони американски долари годишно, додека уште 18 милиони се трошат на ограничување на штетата што ја предизвикуваат.
Вирусот, пак, работи (само врз зајците, не и другите животни) така што ја нарушува работата на внатрешните органи и предизвикува грозница, појава на крвни згрутчувања и откажување на дишниот систем. Вирусот убива во период од два до четири дена од моментот на инфекција.