Во поново време, одредени телефони, како Samsung Galaxy S6 доаѓаат со опција за „безжично полнење“, што и не е така сјајно – сепак морате да го оставите телефонот на еден вид на специјална подлога. Од друга страна, полнење преку Wi-Fi? Звучи фантастично!
Новиот систем дизајниран од научниците од универзитетот во Вашингтон може да се покаже како првиот систем што ќе овозможи вистинско безжично полнење преку безжичната мрежа. Научниците сметаат дека нивниот метод може да овозможи полнење на батериите во радиус од 8.5 метри.
Се состои од два дела – единица за пристап (access point) т.е. рутер и сензор што ќе ги конвертира радио брановите во еднонасочна струја. Уште подобро, како што велат научниците што го развија системот, полнењето нема да ја попречува Wi-Fi мрежата, што значи дека паралелно ќе можете да користите и интернет.
„Ако едноставно конвертираме енергија колку што ни е потребна, тоа би ја убило Wi-Fi мрежата – вие константно би имале струја на каналот“, вели Брајс Келог. „Го оптимизиравме рутерот на тој начин што ќе доставува доволно енергија до сензорот, без притоа да влијае премногу на Wi-Fi-то. Наместо да имаме константна енергија на еден од вашите Wi-Fi канали, ние ја поделивме истата количина помеѓу трите засебни канали. Тоа ни овозможува да ја доставиме безмалку истата количина на енергија, без значаен импакт по било кој од каналите“, објаснува Келог.
Нам ни преостанува да почекаме додека ваквите рутери да се појават на пазарот.