Компанијата „Асус“, со седиште во Тајпеј, Тајван, потврди дека на 16 јануари ќе ја претстави „РОГ фон 8“ серијата „гејмерски“ паметни телефони. Официјалната видео најава беше објавена во декември, а во меѓувреме протекоа и неофицијални подробности за изгледот на моделите „8“ и „8 про“.
Дизајнот на двата модели, осмислени пред сѐ – за „гејмери“ и помалку страсни љубители на видео игри, ќе биде речиси ист, освен различното осветлување на задната страна. Освен тоа, „8 про“ има рамен екран со централно поставена вдлабнатина за селфи-камерата од 32 мегапиксели. На десната страна на уредот има копче за „напојување“ и контроли за јачината на звукот. Натаму, едниот УСБ-Ц влез се наоѓа лево, а другата на долниот дел од паметниот телефон опремен и со 3,5-милиметарски приклучок за слушалки.
Според наводите, „РОГ фон 8 про“ ќе има 6,78-инчен „ФХД+ АМОЛЕД“ екран на допир со стапка на освежување од 165 херци и поддршка за „ХДР10+“ и „ЛТПО“ технологија. Уредот има процесор „Снепдрагон 8 ген 3“ на „Квалком“, поврзан со 24 гигабајти РАМ-меморија.
За задните камери сѐ уште не се знае многу, а за батеријата, неофицијалните наводи говорат дека ќе биде со моќ од 5.500 мегаампер-часови и поддршка за брзо полнење од 65 вати. Мобилниот телефон ќе оди со сертификат за отпорност на вода и прашина.