Животот не е фер, па има ситуации кога на човек му доаѓа дури и да посака да го осудат на доживотна робија, како во случајов.
На околу 75 километри од брегот на Осло, се наоѓа еден остров чии 115 жители всушност отслужуваат затворска казна. Меѓу нив и опасни криминалци. И покрај тоа, овој затвор е малку поинаков од оние стандардните, какви што ги знаеме.
Многумина коментираат дека да отслужувате казна таму, во Бастој, е исто како да сте на бесплатен одмор. Таму нема електрична ограда, бодликава жица, наоружани стражари, полициски песови и снајперски кули. Напротив, затворениците живеат во слатки мали куќички со весели бои. Имаат фарми, а љубителите на риболов без проблем одат на рибарење.
Се разбира, многумина сметаат дека ова ваквиот третман кон затворениците е неправеден, наведувајќи дека дури ни лојалните и примерни граѓани не живеат така добро како затворениците. Сепак, оние кои се иницијатори на идејата потсетуваат дека целата идеја зад постоењето на затворот како институција е луѓето да се променат и да се реинтегрираат во општеството. Истите не сметаат дека би можело да се постигне позитивна промена ако луѓето се врзани со ланци и затворени во влажни и темни затворски ќелии.
И барем судејќи по првичните статистички податоци, во право се. сé на сé, само 16% од затворениците кои отслужуваат казна во Бастој, повторно му се враќаат на криминалот во рок од две години по излегувањето. За споредба, во останатите затвори во Норвешка, оваа бројка изнесува 20%, а во остатокот на Европа – дури 70%!
Очигледно, во Бастој се се сведува на однесувањето, почитта и пронаоѓање на себе си.
„Единствен начин да ги промените луѓето е да ги ставите во ситуација која ќе започне промена внатре во нив самите, а тоа значи да ги натерате самите себе да се пронајдат во нешто што не е криминал, наместо постојано на себе да гледаат како пропалитети“, вели Арне Квернвик Нилсен – поранешен директор на затворот.
Па така, некои од затворениците избрале да се грижат за животните, други ја обработуваат земјата, трети готват, други свират во музичките студија. Тие што не завршиле школо, имаат шанса тоа да го направат додека се на робија.
Таму нема аларми во пет изутрина; работниот ден почнува во 9.30 часот и трае до 16.30, кога секој од затворениците заминува дома. Во текот на ноќта затворениците ги надгледуваат вкупно петмина стражари. Во секоја куќа живеат по шест затвореници, секој со своја соба, а заедничка кујна и бања. Имаат право само на еден оброк во денот, но затоа за својата работа се платени по 10 долари дневно, со кои можат да купат намирници во локалниот маркет и самите да си ги зготват останатите два оброка во денот.
Буквално секој затвореник во Норвешка има право да аплицира да биде преместен во Бастој штом му останат помалку од 5 години од истекот на казната. Не е важно дали убил, украл или силувал. Сé додека покажува искрена желба да се ресоцијализира и да го почитува законот, ќе може да лови риби уживајќи во мирот на островот.