На неколку километри од малото рибарско пристаниште Грандкамп, на нормандиското крајбрежје во северниот дел на Франција, копното се испречува во морето, образувајќи „нос“, наречен Поант ду Хок („точка на закачување“). Карпите се извишуваат на триесет метри над тесната плажа со чакал.
Токму највисоката точка помеѓу двете плажи, наречени Јута и Омаха, е местото каде Сојузничките сили решаваат да се истоварат за време на инвазијата на Нормандија, на 6-ти јуни 1944 година.
Но, тоа е и местото каде што Германците ја имаа поставено една од најцврстите тврдини за време на Втората светска војна. Во Поант ду Хок тие имаа распоредено шест топови, поставени во армирани бункери, топови чие уништување беше особено важно за успехот на инвазијата.
Низ седмиците кои претходеа на инвазијата на сојузниците, бомбардирано беше целото нормандиско крајбрежје, со специјален фокус на Поант ду Хок. Носот е погоден од повеќе од десет килотона експлозив – еквивалент на разорната сила на атомската бомба фрлена во Хирошима.
И покрај бомбардирањата, сојузниците во тоа време не се сигурни дали тврдината е неутрализирана. Донесено е решение да се нападне позицијата со екипи од командоси, кои имаа за задача да ги заземат карпите, користејќи јажиња и скали.
Задачата е доделена на баталјонот на полковник Џејмс Ерл Радер. По опасното истоварување на плажата, сојузничките војници водат борба на неколку фронтови: против непријателскиот оган, против лизгавите карпи и против искинатите јажиња.
Достигнувајќи до врвот, сфаќаат дека Германците веќе го имаат преместено оружјето. Брзо е организиран напад и потрага, а топовите, скриени во близина, се уништени со помош на гранати. Мисијата е завршена, но војниците остануваат да ги бранат позициите.
Без муниција и храна, сепак успеваат да ги одбијат повторните напади на Германците кои се обидуваат одново да го завземат носот на Нормандија. На крајот, од баталјонот од 225 луѓе, остануваат само 40.
Денес површината на карпата личи на површината на Месечината. Преполна со кратери, оставени како лузни од воздушните бомбардирања и поморските артилериски гранати, и неуништив потсетник на едно лошо време.