„Њујорк тајмс“ го повика Бајден да се откаже од кандидатурата: Најголема услуга ќе направите ако се повлечете од претседателската трка

Во едиторијалот објавен во вчеравечер со наслов „За да и служи на земјата, претседателот Бајден мора да ја напушти трката за Белата куќа“, „Њујорк тајмс“ го опиша 81-годишниот лидер на САД како „лидер во сенка“, посочувајќи дека „паднал на сопствениот испит“

Дебата која се случи завчера вечер во американско време меѓу актуелниот американскиот претседател и кандидат за втор мандат Џо Бајден и неговиот републикански ривал и противкандидат на претстојните претседателските избори во САД, Доналд Трамп крена голема прашина не само во јавноста во САД, туку и на останатите континенти.

Дебатата меѓу Бајден и Трамп / Фото: EPA-EFE/WILL LANZONI / CNN PHOTOS MANDATORY CREDIT: CNN PHOTOS / CREDIT CNN – WILL LANZONI EDITORIAL USE ONLY EDITORIAL USE ONLY

Во едиторијалот објавен во вчера вечер со наслов „За да и служи на земјата, претседателот Бајден мора да ја напушти трката за Белата куќа“, „Њујорк тајмс“ го опиша 81-годишниот лидер на САД како „лидер во сенка“, посочувајќи дека „паднал на сопствениот испит“.

„Непрепознатлив, Бајден голташе зборови, не ги завршуваше речениците до крај и зјапаше во празно за време на телевизиската дебата со неговиот републикански претходник и ривал на изборите во ноември“,

пишува во текстот на „Њујорк тајмс“.

Сепак, медиумот посочува и дека Бајден бил, како што потенцираат восхитувачки претседател во изминатите години од неговоото шефување со САД.

„Под негово водство, земјата напредуваше и почна да се соочува со низа долгорочни предизвици, а раните што ги отвори Трамп почнаа да зараснуваат. Но, најголемата услуга што Бајден би можел да и ја даде на јавноста сега е да објави дека нема да се кандидира за негов реизбор“,

пишува „Њујорк тајмс“.

Уредничкиот тим на „Њујорк тајмс“ се состои од реномирани уредници.

Членовите на Демократската партија, исто така, се сомневаат во способноста на Бајден да преземе нов мандат, што предизвика бура во партијата, иако претседателот вчера рече дека може „да ја заврши работата“, добивајќи поддршка од двајца негови претходници, Барак Обама и Бил Клинтон.

Дебатата, која се одржа во студиото на Си-ен-ен во Атланта, започна мошне студено бидејќи двајцата кандидати не се ни ракуваа пред да седнат на своите места.

Деведесетминутната дебата се одржа четири месеци пред изборите, што е најрано досега, а во студиото немаше публика и микрофоните автоматски им се исклучуваа кога не беше нивни ред за зборување. Тие меѓусебно се нарекоа „најлошиот претседател во историјата“, Бајден за Трамп кажа дека е губитник и плачко, додека Трамп му возврати дека е катастрофа.

За време на дебатата Бајден упати низа критики против Трамп поради неговите правни проблеми споредувајќи го моралот на неговиот претходник со „уличарка“ и нарекувајќи го „осуден криминалец“.

Како одговор, Трамп потсети дека синот на Бајден, Хантер, неодамна беше осуден за лажење за употреба на дрога со цел да купи оружје.

Пред одржувањето на американските избори предвидено е да се одржи уште една телевизиска дебата, планирана за 10 септември, а домаќин ќе биде Еј-би-си њуз.

- Реклама -