Ништо не е црно-бело, затоа слушајте ги македонските Grey

grey

Grey е алтернативен рок бенд формиран во 2012 година во Македонија од гитаристите Александар Павловиќ – Таци и Кристијан Волчев, басистот Димитар Мирчески и тапанарот Филип Шахпаски. Како вокал во 2013 се приклучува вокалистот Зоран Мишиќ – Зокс од Хрватска.

Александар, Димитар и Филип како членови во друг алтернативен состав после неколкугодишно постоење и расформирање одлучуваат да создадат друг бенд. Набрзо се приклучува Кристијан Волчев и продолжува потрагата по вокалист. Учесникот во финалето на хрватскиот идол Зоран Мишич – Зокс е веќе препознатливо име на сцената и со доаѓањето во бендот носи моќ и свежина која ја дополнува потребата за квалитет.

При дискусијата за избор на името на бендот, членовите одлучуваат дека тоа треба да биде кратко, уникатно и дека треба да содржи приказна. Инспирирани од филозофијата дека животот претставува баланс помеѓу работите, тие одлучуваат за Grey (сива), боја која што се наоѓа помеѓу црното и белото и претставува баланс, истовремено спојувајќи ги спротивностите.

Потребата од продукција која одговара на стилот на бендот е задоволена со изборот на проминентниот французин Брет Калдас Лима, кој како претставник на Tower студиото започнува соработка која продолжува до ден денес. Прв производ кој е плод на оваа соработка е материјалот од деби EP-то Grey-Grey кое содржи 4 нумери, кое се дистрибуира интернационално. Ова EP накратко дава перспектива на стилот на бендот кој може да се опише како мешавина од хард рок, метал, алтернативен и класичен рок. Токму оваа разниликост го прави бендот интересен за странската публика.

По издавањето на EP-то во потрага по инспирација и услови за понатамошно творење бендот се сели на Малта. Таму се снимаат останатите 8 нумери коишто заедно со претходниот материјал го носат првиот албум. Се работи во Jukebox студиото, а за продукцијата продолжува соработката со Tower. По макотрпна работа и потрага по перфектниот звук албумот наречен “Contrast” е завршен во целост и издаден на 7ми декември оваа година. Карактеристично за бендот е тоа што сите живеат во различни држави. Поради таа причина бендот нема настапувано во живо иако тоа им е приоритет.

Но амбициозноста на бендот е голема и се на пат кон организација на турнеја, на unplugged DVD материјал, видео материјал и подготовка на материјал за вториот албум.

Повеќе на Фејсбук.

- Реклама -