Нинџи имат снемано

Постојат многу причини поради кои треба да се посети Јапонија – од храната па до карактеристичните улици на Токио, па затоа и сé повеќе го прават тоа. А тоа вродува со извесни проблеми.

Проблемот не е во туристичкиот пораст, со што паралелно се зголемува и побарувачката за нинџи, туку што нема доволно нинџи за ги забавуваат туристите и да ја задоволат таа побарувачка.

Во добрите стари времиња, нинџите беа древни воини. Неретко во древна Јапонија биле регрутирани да работат како шпиуни, убијци и атентатори. Додуша и тогаш биле ангажирани за забава на публиката, презентирајќи го својот стил на борба, фрлајќи шурикени и отровни стрели. Денес да си нинџа е само пи-ар настап, но сé уште ги подразбира основните вештини на древното нинџицу – борби гради в гради, акробатика и мечување.

Луѓето кои ги водат овие нинџа-тимови се жалат дека тие што аплицираат за работа како нинџи сé помалку ги поседуваат бараните вештини. Истовремено, побарувачката е излезена од контрола.

„Со зголемувањето на бројот на туристи кои ја посетуваат Јапонија, вредноста на нинџите како туристичка атракција порасна“, изјави за локалната телевизија Такацигу Аоки – менаџер на нинџа тимовите  „Токугава Ијасу“ и „Хатори Ханзо“. „Бројот на претстави ширум земјата е зголемен, како и останатите атракции, а со самото тоа има сé повеќе можности за работа“.

Во 2016-та година, за седмочлениот тим на Аоки конкурирале повеќе од 230 луѓе. Настапот се рекламира ширум светот и заработката надминува 1.600 долари месечно. Оваа година се пријавени само 22-ца кандидати.

„Мислам дека сме тенки со нинџи“, заклучува Аоки. Како што рековме, едната причина е што сé помалку луѓе ја поседуваат вештината. Другата, вели Аоки, е што се зголемува конкуренцијата.

 

- Реклама -