„Она што Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го прават со негативната кампања кон Зоран Заев, преку соопштенијата, прес-конференциите, вклучувајќи ги и ТВ-дуелите, неизбежно провоцира реакција кај граѓаните, со која му даваат поддршка на лидерот на СДСМ. Во духот на ‘што је више клевета и лажи, Тито (Зоки) нам је милији и дражи’, познатата парола со која народите и народностите на поранешна Југославија им возвраќаа на странските пропаганди кои имаа за цел со своите кампањи да го оцрнат нивниот сакан водач“, пишува новинарот Љубиша Николовски во својата најнова колумна за „Слободен печат“.
Тој сепак признава дека „се разбира, далеку е Зоран Заев од популарноста на Јосип Броз Тито“, но анкетите што во серија ги спроведуваат реномирани стручни компании што го испитуваат јавното мислење во изминативе 4-5 години, вели, покажуваат дека откако во 2017 година Заев му ја презема титулата на Груевски, тој е сè уште најпопуларен политичар во земјава. И последната анкета на „Брима“ покажува дека тој има рејтинг од 11.8 отсто меѓу граѓаните, додека рејтингот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е 7 отсто, и тука, отприлика, со плус- минус еден или два процента се забетонирани обајцата, додава Николовски.
„Ваквиот сооднос во рејтинзите веројатно е и причината поради која Мицкоски на ТВ-дуелот на Канал 5 синоќа не можеше да се воздржи да не ја покаже нетрпеливоста кон својот политички опонент која се граничи со омраза“, смета тој, додавајќи дека „мачно било да се гледа професорот Мицкоски“. Целата колумна прочитајте ја ТУКА.