Николоски за реакциите од Софија: Оставка ми бараат корумпирани политичари што спијат на пачки злато и евра

По повикот од лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, за оставка, министерот Александар Николоски вели дека му е жал што добрите односи меѓу двата блиски народа, како македонскиот и бугарскиот, ги уништуваат корумпирани политичари што не можат ништо да направат за сопствената држава, освен да внесуваат гнев и омраза

Останувам зад сѐ што сум кажал. А тоа е дека е некултурно, непристојно и нецивилизирано да ви дојде на гости претседател на држава, а вие да не го удостоите со ставање на знамето на државата што ја претставува. Нема оправдување за бугарскиот претседател Румен Радев што не го постави македонското знаме при посетата на Гордана Сиљановска-Давкова, како претседател на Македонија. Ова е одговорот на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски за, како што вели, последната хистерија што ја создаваат дел од неуспешните бугарски политичари.

Изминатите два дена не стивнуваат реакциите во Бугарија по изјавата на Николоски упатена кон бугарските власти во врска со непоставувањето на македонското знаме на средбата меѓу двајцата претседатели.

„Дали сакаше да испрати порака дека тие во суштина не ја признаваат Македонија, што можеби е нивен долгогодишен сон. Нам ни е јасно кои сме. Ние сме засебна нација, македонска нација, засебен народ, македонски народ. Зборуваме на свој македонски јазик, различен од сите јазици. Имаме своја историја, своја култура. Знаме кои сме и не треба на никого да се докажуваме. Оние што сакаат поинаку да ја читаат историјата се политичари од 19 век, а не од 21 век“,

вели Николоски во реакцијата.

На барањето од Бојко Борисов, лидерот на ГЕРБ (сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ) за негова оставка, Николоски порачува дека политичари обвинети за криминал и корупција не се достојни да го прават тоа.

„Од мене бараат оставка политичари што ги видовме на слики како спијат на кревет покрај пачки со злато и стотици илјади евра во девизи. Такви ли политичари ќе бараат оставка? Извинете, господа, ама вие не сте достојни да побарате оставка од мене“,

вели тој.

Посочи дека му е жал што добрите односи меѓу двата блиски народа, како македонскиот и бугарскиот, ги уништуваат корумпирани политичари што не можат ништо да направат за сопствената држава, освен да внесуваат гнев и омраза.

„Таков е овој што го споменав со пачките злато, а таков е и еден друг што важи за голем олигарх во Бугарија. Такви се и редица други политичари што се корумпирани, а таков е и оној што е претседател на Бугарија, што немаше минимум пристојност и минимум цивилизациско однесување да стави македонско знаме при посетата на македонската претседателка“,

рече Николоски.

Според него, тие непотребно ја внесуваат нашата земја во тамошната предизборна тематика оти, како што вели, Македонија најмалку може да е одговор на седмите неуспешни избори со кои се соочуваат. Смета дека кризата во бугарското општество е создадена токму од политичарите што наместо да им дадат одговор на своите граѓани за високиот степен на корупција и криминал, за лошата економија, тие се занимаваат со Македонија.

„Тоа покажува дека ниту сакаат добрососедство, ниту сакаат Македонија да стане членка на Европската Унија, а уште помалку да напредува кон ЕУ. Тие, всушност, сакаат да ја блокираат Македонија и да ја користат како своја предизборна тема. Ние тоа нема да го дозволиме. Со тоа што се вадат изјави од контекст покажува дека македонскиот и бугарскиот јазик се различни, односно она што има еден контекст на македонски, очигледно има друг на бугарски јазик“,

вели тој.

Николоски посочува дека тој и ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжат да ги бранат македонските национални интереси, во насока земјата да стане членка на Европската Унија, но тоа да биде гордо и достоинствено, а не со понижувања.

За потсетување, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски завчера во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на Сиљановска-Давкова и Радев, рече дека очигледно домаќинот не е цивилизиран и дека помизерни од нив се само домашните слуги.

Во врска со изјавата денеска реагираа од кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев, од каде што велат дека манипулирањето со фактите и хистеричните реакции на владата на Република Северна Македонија не влеваат оптимизам дека југозападниот сосед сака односите со Република Бугарија да го напуштат полето на провокации и оркестрирани скандали.

Вчера од бугарското Министерство за надворешни работи соопштија дека ги известиле партнерите за „неиспровоцираните провокации” од функционери на Северна Македонија, чија цел, според официјална Софија, е да се наруши дијалогот.

- Реклама -