Николоски од Белград: Една од главните заложби на Владата и моја е изградба на брза пруга Скопје-Солун

Подобрување на инфраструктурата, особено во делот на Коридорот 10, е една од темите на кои ќе зборуваат со своите српски колеги, изјави министерот за транспорт, кој заедно со вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ и со министерот за надворешни работи и за надворешна трговија Тимчо Муцунски, е во официјална посета на Белград

Една од главните заложби на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и моја лична како потпретседател на Владата и министер за транспорт е изградба на брза пруга Скопје – Солун, изјави денеска вицепремиерот Александар Николоски.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски / Фото: Министерство за транспрот

Изјавата Николоски ја даде во Белград, каде што заедно со вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ и со министерот за надворешни работи и за надворешна трговија Тимчо Муцунски, е во официјална посета на Србија.

„Денеска сме во официјална посета на Република Србија. Можам да кажам дека Македонија и Србија одржуваат доста блиски односи, а со формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ тие односи и релации уште повеќе ќе се подобрат затоа што се работи за два пријателски, два братски народи кои треба да имаат најдобри односи и најдобра соработка“,

изјави Николоски, соопштија од Министерството за транспорт.

Информирајќи за средбите што ги имале и ќе ги имаат со претставници на српската влада, Николоски вели дека ќе зборуваат за политичката и економската соработка меѓу двете земји, зголемување на трговијата и отворање на што повеќе работни места и во Македонија и во Србија за компании што работат во двете земји.

Тука, како што додава министерот за транспорт, е и подобрувањето на инфраструктурата, пред сè во делот на Коридорот 10 и изградба на брза пруга.

„Знаете дека една од главните заложби на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и моја лична како потпретседател на Владата и министер за транспорт е изградба на брза пруга Скопје-Солун која треба да се надоврзе на брзата пруга што веќе постои од Солун до Атина и исто така на брзата пруга Белград – Будимпешта – Виена, а се надевам дека во најбрзо време Србија ќе ја изгради брзата пруга Белград – Ниш – Скопје и на тој начин Македонија да биде поврзана со возови што се движат со 200 километри на час и поврзана со Централна и Западна Европа на брз и квалитетен начин. Во исто време да се развива бизнисот затоа што ќе се отворат две големи пристаништа кои природно гравитираат кон Македонија, а тоа е солунското и пристаништето Пиреа во Атина“,

вели министерот за транспорт.

Николоски информира дека имаат средби со претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ, со министерот за внатрешна и надворешна трговија Томислав Момировиќ, со министерката за енергетика Дубравка Ѓеговиќ-Хандановиќ, со министерот за економија Адријана Месаровиќ, со министерот за транспорт Горан Весиќ, како и со претседателот на владата на Србија, Милош Вучевиќ.

Од средбата на вицепремиерите Николоски и Стоиљковиќ со претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ / Фото: Министерство за транспорт

Со Вучевиќ, вели Николоски, ќе имаат работна вечера на која поподробно ќе дискутираат за односите меѓу двете земји.

„Она што исто така можам да го кажам е дека во следниот период договараме посета на Владата на Србија во Македонија, а за скоро време и очекуваме да се воспостави една соработка на одржување на заеднички седници на македонската и српската влада“,

изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Инаку, иницијативата за изградба на брза пруга Николоски ја соопшти кон крајот на јули, кога одговарајќи на новинарско прашање рече дека ќе бараат парите за пругата кон Бугарија да се пренаменат за изградба на брзата пруга на Коридорот 10.

Ова наиде на реакција од официјална Софија. Оттаму изразија зголемена доза на вознемиреност, посочувајќи оти ги следат изјавите официјални македонски политичари насочени кон кршење на меѓународните обврски на инфраструктурно поврзување, односно најавите дека Скопје ќе бара од Европската банка за обнова и развој да ги пренасочи европските пари за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пруга на Коридорот 10.

Реагираше и специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој изјави дека европскиот транспортен Коридор 8 е од стратешко значење за регионот, но, според него, новата влада во Скопје покажала оти изгубила интерес за негово спроведување.

Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела изјави дека му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија во износ од 560 милиони евра, кој истекува на 17 септември годинава. Тој посочи дека како премиер не може да стави потпис и да потроши половина милијарда евра јавни пари за проект што завршува на половина тунел во слепа улица.

- Реклама -