Николоски ќе иницира да се изработи физибилити студија за градски воз во Скопје

Николоски вели дека не се работи за нови инвестиции и за доградба на железничката мрежа, туку за искористување на постојната. За оваа идеја не бара соработка со никого бидејќи, како што вели, има пруга која „Железници – инфраструктура“ треба да ја провери дали е функционална и да ја репарира, а „Железници – транспорт“, пак, да утврди кои возови може да се стават во функција

Новите раководства на јавните претпријатија  „Железници – транспорт“ и „Железници –  инфраструктура“ на иницијатива на министерот за транспорт Александар Николоски ќе треба да направат детална физибилити студија за идејата за градски железнички превоз во Скопје што тој ја претстави неодамна. 

Идејата, како што рече денеска Николоски, е да се искористи постојната железничка инфраструктура во рамки на Град Скопје и околината и да биде ставена во функција за транспорт на граѓаните низ главниот град. 

Николоски вели дека не се работи за нови инвестиции и за доградба на железничката мрежа, туку за искористување на постојната. За оваа идеја не бара соработка со никого бидејќи, како што вели, има пруга која „Железници – инфраструктура“ треба да ја провери дали е функционална и да ја репарира, а „Железници – транспорт“, пак, да утврди кои возови може да се стават во функција. 

„Она што ќе биде потребно и тоа ќе го иницирам е да се направи детална физибилити студија за која ќе дадам многу краток рок, нема да е повеќе од еден месец, колкав проток на патници може да има, кои се железничките станици што веќе постојат, не се во функција, а треба да се стават, дали треба да се изградат нови и кој би бил најекономичен, најефикасен, најевтин начин тие нови да се изведат, да бидат пристојни, достапни, а да не се скапи“,

рече Николоски.

Исто така, вели тој, ќе треба да се види каква е состојбата на возовите во моментов, што треба да се направи за тие да се стават во функција и да можеме во еден временски период, не сакам да давам рокови, да излеземе со понуда на жителите на Скопје и останатите општините за т.н. градски воз кој би можеле да го користат граѓаните на постојната инфраструктура.

Посочувајќи пример, рече дека не се користи пругата што поминува низ населбата Драчево, а како што нагласи, лесно може да ве донесе до центарот на градот. 

„Убеден сум дека доколку има редовни возови коишто сообраќаат во точно време, се чисти, се добро уредени внатре, не мора да се нешто екстра луксузни и цената на билетот е пристојна, многубројни граѓани ќе ја користат оваа опција затоа што за точно време ќе знаат за колку време стигаат од населбата Драчево до Центар, на пример за разлика од сега кога тргаат и не знаат што ќе ги најде по пат дали со автобус или со автомобил“,

додава министерот.

Со ваквиот градски воз, вели тој, ќе се овозможи полесен транспорт и за на оние што користат автобуси и автомобили затоа што ќе се намали сообраќајниот метеж.

Николоски вели дека со целосна визија за градскиот воз ќе излезат кога ќе се екипираат двете јавни претпријатија.

„Оваа работа не е поврзана ниту со ЈСП ’Скопје’, не е поврзана ниту со Градот Скопје, ниту со општините на градот Скопје, а е поврзана со постојната железничка инфраструктура. За сè друго ќе има време, ќе размислуваме. Ова е како да сме паметни тоа што го имаме да го искористиме“,

рече Николоски. 

Министерот рече дека „Железници – транспорт“ е во многу лоша финансиска состојба и дека еден од начините да му се помогне на претпријатието е да има повеќе патници. 

„Еден од подобрите начини за да му се помогне претпријатието е тоа што го имаме како инфраструктура во најголемиот и главниот град на Македонија да го искористиме. Дали граѓаните ќе сакаат да го користат или не. ќе видиме, но наше е да им ставиме се на располагање. Јас сум убеден дека ќе го користат“,

додаде Николоски на прес-конференцијата за извештајот на ДЗР за реализацијата на јавните инвестиции. 

- Реклама -