Николоски: Измените на Законот за урбанистичко планирање се носат сега за да може да им ги префрлиме ветените пари на општините

Образложувајќи ги причините за носењето на измените, министерот во вечерашното гостување во „Вести плус“ на ТВ Канал 5 рече дека се соочиле со ситуација во која општините без разлика што ќе ги добијат средствата немало да бидат во можност да ги искористат

Во однос на реакциите од невладината „О2 Иницијатива“, Николоски рече дека сака да ги праша дали можеби урбаната мафија стои позади нив затоа што им понудил три работи кои ги игнорираат

Измените на Законот за урбанистичко планирање се носат сега за да може да се реализира предизборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ за децентрализација, односно секоја година една третина од средствата предвидени за капитални расходи во износ од 250 милиони евра да се префрлаат на општините. 

Ова во вечерашното гостување во „Вести плус“ на ТВ Канал 5 го кажа министерот за транспорт, Александар Николоски, кој рече дека целта е еднаш засекогаш да се затворат сите инфраструктурни прашања во сите општини без разлика кој е градоначалник во дадена општина.  

Министерот за транспорт, Александар Николоски / Фото: Принтскрин

„Вчера помина ребалансот на Буџетот, денеска помина законот за финансирање на единиците на локална самоуправа. Ние бевме избрани за влада пред месец и пол и ние веднаш го реализираме нашето ветување дека ќе пуштаме средства на општините. Оваа година за само четири месеци, толку има до крајот на годината префрламе 100 милиони евра на општините, ама за да можат да ги искористат овие 100 милиони евра мораше да се донесе законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и мораше да се донесат измените за законот за урбанистичко планирање“,

рече Николоски, одговарајќи на прашањето зошто токму сега се носат измените. 

Образложувајќи ги причините за носењето на измените, министерот рече дека се соочиле со ситуација во која општините без разлика што ќе ги добијат средствата нема да бидат во можност да ги искористат.  

„За да го реализираме ова покрај средства потребно е да се изработат и проекти. За да се изработат проекти потребно е да имаме основа во деталните урбанистички планови коишто за жал во Македонија некогаш се носат и по 10 до 15 години. И се соочивме со ситуација во која општините без разлика што ќе ги добијат средствата нема да бидат во можност да ги искористат. Затоа во Законот велиме дека за објекти, поточно за училишта, градинки амбуланти, болници и катни гаражи во 100-процентна државна или општинска сопственост, финансирани исклучиво од општински или државни пари ќе можат да се применуваат поедноставни постапки коишто ќе значат дека општините ќе можат брзо да изработуваат планови за овие намени и брзо да ги реализираат и јас не гледам ништо лошо во оваа работа“,

вели Николоски. 

Дополнително, додаде тој, се направени уште две работи коишто, како што кажа, се во корелација со првата, односно се одгладуваат 600 урбанистички планови кои биле во лимбо-состојба поради законско решение донесено во 2020 година од владата на СДСМ и ДУИ и што се зајакнува улогата на Министерството за транспорт како контролор на општините.  

„Сега ние сме во ситуација каде што 600 плана се заглавени и висат и нити можат да одат нанапред нити можат да се вратат назад. Нити јас како министер можам да ги одбијам, нити можам да ги прифатам тие планови и го избришавме тој спорен момент за да оваа работа се заврши, инаку моја намера е најголем дел од тие 600 планови јас да ги одбијам затоа што сметам дека не треба да се донесат. Се зајакнува улогата на Министерството за транспорт како главен контролор на општините и се брише она правило „молчењето е одобрување“ коешто во минатото велеше дека доколку во рок од 20 дена министерот не се изјасни по однос на даден план се смета дека министерот дал позитивно мислење. Сега тоа го бришеме и се додека министерот не даде позитивно мислење планот не може да оди понатака“,

рече мининистерот за транспрот.  

Она што му е драго, додаде Николоски е што ниту еден пратеник од опозицијата не говорел против измените што значи дека „сме ја погодиле целта“.  

Реакција за законот, вели министерот, има само од една невладина организација – „О2 Иницијатива“, која, како што додаде, бил доблесен и ја поканил денеска да учествува на комисиската расправа за измените што првпат се случува во историјата на Собранието. 

Од денешната расправа во собраниската Комисија за за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање / Фото: Принтскрин

„И покрај тоа што им го понудив и ги ислушав од попладнево тераат други агенди и сакам да ги прашам дали можеби урбаната мафија стои позади нив затоа што им понудив три работи кои ги игнорираат. Прво да се изработи целосно нов закон за урбанистичко планирање, второ за двете општини каде што има најголем урбанистички хаос – Центар и Карпош, да донесеме специјални закони како што има за градот Охрид и да се стави конечно ред во урбанизмот и трето им кажав дека додека сум јас министер во овие две спорни општини нема да потпишам планови за згради за домување“,

рече Николоски. 

Инаку, од невладината „О2 Иницијатива“ попладнево откако измените беа изгласани на пленарна седница без дебата, јавно се обратија до претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, со барање да не го потпише указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање.  

Прашан дали требало поголема дебата за измените, Николоски рече:   

„Единствениот кој критикува, затоа што опозицијата нема критика, да го поканите рамо до рамо со вас да седне како да е пратеник или министер јас не знам што може да е поголема дебата од тоа“ 

- Реклама -