Алтернативните музички и културни сцени во Македонија (а и пошироко) се постојано на стаклени нозе, токму поради тоа што, дефинициски, имаат неконвенционален начин на опстанок. Супкултурните сцени кои не се во главниот град уште толку повеќе мора да се туркаат и трудат за да опстанат.
Затоа, можеби би ве изненадило дека има здружение во Куманово кое 17 години ја „турка“ алтернативната сцена во градот. Тоа не зависи од институции или од големи заработки – туку од чиста волја, младешка лутина и желба за еден поинаков свет.
Еден од најголемите „туркачи“ во кумановската сцена е Марко Стојковски, еден од основачите на здружението „Боилинг поинт“, со кого имавме прилика да разговараме.
„Боилинг поинт“, чие име доаѓа од бостонскиот хардкор-панк бенд „Сосајети систем дисконтрол“, е друштво на ентузијасти од Куманово, посветени на секакви дејности во алтернативната сцена во градот, најмногу во светот на музиката. Нивната главна дејност е независно организирање концерти, но од своето постоење од 2007 година поминале низ разни форми – повеќедневни фестивали, музичко издаваштво, берза на винили, организирање на концерти на домашни бендови во странство и друго.
Од последниот период се истакнува изработката на „фанзини“, односно мали колажни летоци инспирирани од хардкор-панк културата, наречени „Соци не ладимо“. Во првото издание на фанзинот, меѓу другото, се зборува и за еден од поновите подвизи на „Боилинг поинт“ – турнеја за промоција на книга во пет градови во Македонија. Станува збор за книгата „Полуотворено“, мемоар на колега панкер – организатор на свирки во Војводина, Србија, кој бил 30 месеци во полуотвореното одделение во затвор во Сремска Митровица поради поседување на канабис.
Иако промовирањето на книга претставувало нов предизвик за Марко, совладувањето на нови предизвици преку искуство воопшто не е ново за „Боилинг поинт“. Од своите средношколски денови, Марко, секогаш поддржан од „екипа“ соработници, неуморно работи да го вдахне духот на DIY (Do-It-Yourself или „направи-го-сам“) етиката во својот роден град.
„’Боилинг поинт’ е тинејџерски сон на екипа што бевме од Куманово. Уште тогаш бевме инспирирани од хардкор-панк сцената којашто тогаш се случуваше во Македонија, во Скопје. Хардкор-панк како музика е поврзана токму со близината на сите луѓе во неа – секој може да прави што сака и сè заедно функционира за бенефит на некоја заедница“, вели Марко за Мета.мк, кој ги именува и американските „ССТ рекордс“ и „Дискорд Рекордс“ како инспирација.
Во нашиот разговор, Марко постојано истакнува дека главната филозофија на колективот е да се работи според можностите, капацитетите и потребите.
Имено, првиот концерт на „Боилинг поинт“ се организира така што „случајно се склопи ситуацијата да успееме да се договориме“ словенечкиот бенд „Активна пропаганда“ да настапуваат во Куманово додека тие биле на својата балканска турнеја во 2007 година.
Со ветар во грб од првите неколку концерти, „Боилинг поинт“ брзо се поставува како најважниот двигател на алтернативната сцена во Куманово. Низ сите овие активности, „Боилинг поинт“ во ниеден момент не зависел од директна поддршка од надвор.
„Досега во принцип со институции немаме соработувано. Можеби доаѓа од некој игнорантен однос. Основата на ‘Боилинг поинт’ како организација е – направи сам, колку што можеш, за подобро на твојата околина. Не е дека ние имаме барано, па сме биле одбиени. Не е дека за некој посериозен проект не би се обратиле, туку едноставно немало потреба. Досега сме биле во можност сите финансиски проблеми да ги покриеме без помош од институции. Можеби е инаетливост, ама сега за сега така функционира сето тоа“, објаснува Марко за филозофијата на колективот.
Уште со вториот концерт на „Боилинг поинт“, Марко се среќава со типот на проблеми кои произлегуваат при „партизанското“ организирање свирки.
„2007, октомври, втор концерт што го организирам, доаѓа екипа од Шпанија. Онакви панкери,, прилично лош бенд, неувежбани. Нема врска, правам концерти, прифаќам сè, не е битно. Треба да преспијат кај мене дома, а на мојата улица водовод решава некој огромен проблем. Немаме вода четири дена ние дома. Идеме кај комшии да полниме вода. Ја ги викам од Шпанија, а тие вода носат преку улица“, низ смеа раскажува Марко.
Но, ваквите препреки не претставуваат товар за Марко, туку прилика за учење и градење другарства со луѓе ширум светот, кои потоа помагаат во вмрежувањето со други сцени во регионот и пошироко.
„Моментот на другарство во таа сцена е примамлив и интересен. Јас уште порано кога се запознавав со бендовите ми беше фасцинантно тоа. Знаеш, ќе напишеш мејл до некој бенд и после ти одговара, а ти го слушаш тој бенд дома!“, вели Марко.
Можеби најсветлата точка во историјата на „Боилинг поинт“ е едногодишното „окупирање“ на подрумските простории на Домот за култура во Куманово, подобро познат како „Бинго“, во 2012 година. Просторот не функционирал „ни правно, ни никако“ кога добиле пристап до него.
„Добивме простор, само четири ѕида и клуч, ништо друго“.
Слободата која дошла со просторот довела до најпродуктивниот период на „Боилинг поинт“ – речиси секои 4-5 денови имало некој настан.
Марко вели дека „Бинго“ на некој начин функционирал како „сквот“ (squat), односно напуштен простор кој е окупиран за различни цели (пример е културниот центар „Метелкова“ во Љубљана, односно поранешни простории на југословенската армија окупиран од уметници и активисти). „Бинго“ фактички не бил окупиран, бидејќи имале директна дозвола за користење на просторот. Но, „сквотерски“ функционирала хоризонталната структура на организацијата. Имало тим од четворица кои константно работеле во просторот, без никаква хиерархија меѓу нив – кој се нафатил да работи некој настан, го работел. Целта било да се привлечат други млади уметници за да се направи простор кој ќе е во корист на цело Куманово.
„Пред сè, тогаш бев невработен, имав 24 часа слободни. Сум преспивал таму, особено кога веќе беа наместени душеци за музичарите. Бендот си оди утре во два часот, а во четири и пол доаѓа друг бенд, па нема поента баш дома да си идеш“, се присетува Марко.
Сепак, по некое време, „снемало батерии“ за одржување на просторот. Приказната на „Бинго“ брзо се изгаснала, но горела светло – во девет месеци организирале четириесетина настани, по еден настан на речиси секои пет дена.
Но, покрај добриот провод на свирки, приказната за „Бинго“ и сета дејност на „Боилинг поинт“ има и пошироко значење. Хардкор-панк етиката им укажала дека нема кој друг да се бори за целите на една заедница освен членовите на истата и дека вреди да се вложува во светот кој колективно си го градиш.
„Во принцип, главната идеја зад сето ова е дека друг свет е возможен и ти самиот можеш да си го направиш. Не е битно колку е голем тој свет, ама е возможен да се реализира. Доколку тоа е твој свет во моментот, во ред е, мал е, ама твој е. Тоа контрирање на општоприфатено и пркосење на стеротипите се некој водич во сет процес од почеток“, објаснува Марко.
Понекогаш може да делува разочарувачки краткиот рок на траење на приказни како „Бинго“ или пак иницијативата „Кран“ – сестринска организација со која се организирале фестивали и основата на издавачката куќа „Кран рекордс“. Но, со тие приказни зад себе, Марко денес има и друга перспектива на падовите и подемот на своите подвизи.
„Притисокот сум го чувствувал, особено во периодот кога функционираше ‘Бинго’. Притисок дека би требало да направиме нешто подобро и дека има потреба повеќе луѓе да се вклучат. Тогаш тоа не успеало, но тоа е добра школа дека притисокот е беспотребен. Сега, на пример, тој притисок воопшто и го нема. Имам и јас некој личен „свич“ во главата кај мене кај што личните причини се некако поразлични, сопственото размислување го ставам во попрв план. Повеќе зрелост и искуство имам сега“, вели Марко.
Работата на „Боилинг поинт“ и понатаму продолжува, гледајќи и назад и напред истовремено. Еден од начините на кои Марко се навраќа на својата работа е преку поткастот на „Боилинг поинт“, преку кој сака да ги забележи приказните на сите музичари, активисти и пријатели со кои има соработувано низ годините, како и да им даде платформа на поновите артисти.
Филозофијата на „Боилинг поинт“ во суштина и се нема многу сменето од своите тинејџерски почетоци – уште гори желбата за подобро утре, поддржано од ад-хок независно организирање и дружење. Тоа што се има сменето од тогаш е што историјата што „Боилинг поинт“ ја има зад себе му дава одредено ниво на комоција и гордост на Марко.
„Кога одам некаде во странство, комуницирам со луѓето кои тогаш сум ги запознал. Тоа ти се пријателите, таму е екипата. Се гледа дека ќе остане и во други сфери во животот. Ниту професија е, ниту хоби е, а другарствата и пријателствата остануваат. Кога го сфатив тој ‘свич’, дека ќе остане сето ова, ми се одзема дел од притисокот и полесно работам“, заклучува Марко.
Искуството ќе остане и ќе се таложи. Во меѓувреме, Марко не планира да престане со работата, надежно со повеќе сталоженост и помалку притисок, но не помалку страст и лутина.