Незаборавни патувања и плата од 100.000 евра годишно. Заинтересирани?

Да го прошета светот, да се врати со куп фотографии и згора на тоа да заработи добра пара – има ли некој што не би се нафатил на ваква совршена комбинација? На некој фотограф тоа и ќе му се посреќи.

Се работи за оглас што предизвика многу внимание меѓу фотографите на сајтот Perfocal – специјализиран за да ги поврзува клиентите и фотографите кога им се потребни такви услуги (практично „рент а фотограф“). Огласот е објавен од едно многу богато британско семејство, кое бара личен фотограф(ка) што ќе ги следи на нивните патувања и ќе го фотографира нивниот одмор и авантури.

 

Семејството предупредува дека патувањата би можеле да траат и по три месеци во континуитет, а фотографот мора да биде на стенд-бај, бидејќи за патувањата може да биде известен и во последен момент. Се работи 10 часа дневно, но затоа на фотографот му следува плата од речиси 100.000 евра годишно, платени трошоци за патувањата, храна, сместување, а и здравствено осигурување и 30 дена годишен одмор.

Среќникот ќе има можност да го посети Њу Орлеанс, до присуствува на карневалот во Рио де Жанеиро, да гледа трка во Формула 1, да ги посети Малдивите, да скија во зимскиот центар Val d’Isere (Франција), да ја прошета Северна и Јужна Америка, но и да ја посети викендицата на семејството во Европа.

Претходниот фотограф неодамна дал отказ (веројатно се нашетал доволно), а за да го заземете неговото место потребни ви се најмалку пет години искуство и добро да се покажете на деталното интервју на кое ќе бидат подложени фотографите од потесниот избор, бидејќи освен фотографски вештини, семејството сака и да има меѓусебна „хемија“ со фотографот што ќе го вработи.

- Реклама -