Книгата на Лукас Лигтенберг се бави со еден феномен кој е прилично запоставен во холандската историја, но и историјата на Втората светска војна. Се работи за невообичаено високиот број на самоубиства во првите месец дена од германската окупација.
Вечерта на 15 мај во 1940 година, само пет дена откако германските сили извршиле инвазија на Холандија, еврејскиот писател Абел Херцберг шетал низ Амстердам. Бил задолжен да внимава светлата во градот да бидат изгасени, за нацистичките бомбардери да не можат лесно да ги идентификуваат метите од небото.
При патролата, Херцберг наишол на исплашена служителка која го замолила да појде со неа. Во блиската куќа, ги затекнале телата на холандски брачен пар кој извршил самоубиство. Не успеале да ги спасат…
Истиот тој месец, дури 350 луѓе во Холандија се одлучиле на самоубиство – во некои случаи имало и цели семејства. Во книгата под наслов „Нема да ме фатат жив“ (Mij krijgen ze niet levend), Лигтенберг (инаку писател и новинар) се бави баш со овој ужасен период и раскажува за луѓето кои ја изгубиле и последната надеж.
Вели дека таа тема отсекогаш го фасцинирала и збунувала, оттаму и книгата. Кога и во Холандија да се спомнат воените самоубиства, во игра влегуваат само неколкумина истакнати автори или научници. Токму занемарените приказни го привлекле Лигтенберг. Вели дека ги проучил стандардните извори – како „Холандското кралство во текот на Втората светска војна” од Луј де Јонг, но ни таму немало детали, ниту пак лични сведоштва.
Овие приказни за Лигтенберг се важни затоа што ја илустрираат паниката и шокот на луѓето соочени со окупација. Тешко е целосно да се сфати што им се мотало во главите на Холанѓаните, особено на тие со еврејско потекло, за време на германската инвазија. Сепак, очигледно е дека за многу од нив, помислата на живот под Хитлер била премногу застрашувачка, па единствен излез гледале во самоубиството. Некои од нив издржале само пет дена од окупацијата.
Денес Лигтенберг не може да вози точак низ Амстердам, а да не се присети на сите луѓе за кои истражувал и пишува во книгата. Каде и да оди, вели, помислува „Аха, ова е улицата каде што се убил тој-и-тој, а оној другиот умрел таму“. Историјата дефинитивно има оставено трага врз градот, истакнува авторот.
Што се однесува до тоа зошто холандските историски учебници, па дури и „учебникот“ на Луј де Јонг, ги занемаруваат самоубиствата под окупација, Лигтенберг истакнува дека тоа некогаш се случувало и од лични причини. Де Јонг, конкретно, бил Евреин и побегнал со соседите во Ејмојден само ден после капитулацијата. Но таму се раздвоиле – де Јонг и неговата сопруга продолжиле кон Лондон, но нивните соседи морале да се вратат дома. Истата таа вечер, извршиле колективно самоубиство. Со де Јонг биле мошне блиски, заедно оделе на едрење и сé тоа. Можеби токму болката го натерала да го прескокне тој период. Самоубиството го споменува само еднаш, попатно.
Меѓу најтрогателните приказни, Лигтенберг ја издвојува таа на Бруно Аш. Овој мошне познат Германец со еврејско потекло, таа 1940-та година живеел со своето семејство во Холандија. Кога инвазионите сили стигнале до Амстердам, Аш си го одземал животот. Лигтенберг е убеден дека тоа го направил од каење што не го извлекол своето семејство од опасноста навреме.
Жена му и децата подоцна биле уапсени од Германците, и испратени во концентрациони логори. Една од ќерките го избегнала првичното апсење – во моментот била со другарка. Кога од трамвајот видела дека ѝ ги одведуваат сестрите и мајка ѝ, сакала да потрча кон нив, но била спречена од другарката. Сепак, уапсена е четири месеци подоцна. Целото семејство умрело во логорите.
Што се однесува до самоубиството како такво, Лигтенберг вели дека врз основа на сведоштвата од прва рака може да извлече одредени заклучоци, но не може да зборува за самоубиството во таа поширока смисла. Вели дека овие во Холандија се специфични бидејќи се случиле во самиот почеток на окупацијата. Можеме само да нагаѓаме за причините на нечие друго самоубиство, вели тој.