Чарлс Џокин (Charles Joughin) првпат го видел морето на свои 11 години и тоа било љубов на прв поглед. Следејќи ги стапките на своите двајца постари браќа, Чарлс се приклучил на британската кралска морнарица. Роден во Биркенхед, Велика Британија, успешната морнарска кариера го качила Џокин на Титаник, во функција на главен пекар; оној ист пекар што на кобната ноќ меѓу 14 и 15 април 1912 се покажал доволно присебен за да се погрижи сите кои го напуштиле бродот во спасувачки чамци да имаат доволно храна, особено леб.
Откако ударот во сантата го разбудил, Џокин ги нашол своите работници збунети и без никаква наредба (значи бескорисни и препуштени на паниката). Џокин – мајстор за работа под притисок, им наредил на своите пекари да им однесат 50 векни леб на оние кои биле евакуирани со чамците за спасување. Во тие моменти на паника и хаос, тој останал мирен.
Откако ги поделил упатствата, Џокин се вратил во својата кабина да се напие пијачка-две. Вискито го охрабрило, па тргнал кон нему наменетиот чамец за спасување. Сепак, кога стигнал таму своето место го препуштил на жените и децата. Оттаму се вратил во својата кабина на уште пијачка-две, а за тоа време бродот веќе почнал да се навалува кон едната страна, додека сите спасувачки чамци веќе биле заминати.
Џокин останал мирен и не се препуштил на паниката. Почнал во морето да фрла лежалки, во надеж дека оние кои не стигнале до чамците ќе имаат за што да се придржат и така да се одржат на површината на водата. Во меѓувреме пекарот заминал до оставата по нова залиха „храброст“, но таму веќе чул „силен удар, како нешто да пукнало“. Навистина пукнало – тоа било моментот кога Титаник, наведнат на едната страна, под товарот на својата тежина, се прекршил на пола и почнал побрзо да тоне.
Џокин останал речиси сé до последниот момент, држејќи се за парче од трупот. На сослушувањето по потонувањето на Титаник, тој раскажал дека во последните моменти застанал, го стегнал ременот на панталоните и извадил одредени предмети од своите џебови, и почнал да размислува што би можел следно да направи.
Не морал да размислува долго, бидејќи набрзо и последното парче од Титаник се нашло под површината на океанот, оставајќи го Џокин да се бори за живот во опасно ледената вода. Но искусен пливач каков што бил, пекарот успеал да издржи два и пол часа. На сослушувањето рекол дека издржал речиси цела ноќ, сé додека пред зората не стигнал до чамец за спасување во кој имало доволно место да се качи. Едно време исто така пливал до чамец за спасување, но кој бил преполн и немало место. Еден од патниците му помагал држејќи го за рака.
Кога бродот RMS Carpathiа пристигнал напомош и ги спасил преживеаните од Титаник, било утврдено дека пекарот, и покрај сите тие часови поминати во студената вода, немал никакви повреди, со исклучок на потечените стапала. Џокин тврдел дека заслугата за тоа ја има големата количина алкохол која ја испил таа ноќ (што е многу чудно, бидејќи големите количини алкохол го зголемуваат ризиккот од хипотермија). Не само што алкохолот го спасил од студот, рекол Џокин, туку и речиси да не го ни почувствувал.
По трагедијата на Титаник во која загинаа над 1.500 патници, најголемиот дел од преживеаните веќе никогаш не стапнале на брод. Не и Џокин; тој набрзо се приклучил на трговската морнарица и продолжил да пече леб за морнарите.
Овој легендарен мераклија на добрата чашка учествувал и во двете светски војни. Умрел на свои 78 години, во 1956-та, од пневмонија.
Во компилацијава од улоги на актерот Liam Tuohy ги има и сцените од филмот „Титаник“ од 1997-ма, каде тој го глуми токму пекарот Џокин.
Џокин беше претставен и во „A Night to Remember“ од 1958 година, кој е филмска адаптација на истоимената книга на Валтер Лорд, во која е опишана последната вечер на Титаник.