Во злосторничките организации хиерархијата е сé. Италијанската влада пред неколку години водеше истрага под името Crimine-Infinito во која ја откри сложената структура на калабриската мафија, Ндрангета. Долго време изгледаше како „хоризонтална мафија“, или, поедноставно, како конфедерација на клановите, но се покажа дека Ндрангета има комплетна тајна хиерархиска структура со глава во центарот, исто како во случајот Коза Ностра.
Управното тело на Ндрангета е Crimine (криминал), предводена од capo crimine (шеф на криминалот). Неговиот портпарол, mastro di giornata (Господарот на денот), ги доставува неговите наредби на другите. Под нив се полковници: mastro generale (генерален мајстор), capo società (шеф на друштвото), и contabile (сметководител).
На дното на Ндрангета се ndrini, кланови составени од членовите на едно семејство (кое често се проширува по пат на договорени бракови). Секоја ndrina е задолжена за одредена територија наречена locale (локал), која не секогаш се совпаѓа со географска зона: можно е да има повеќе локали во ист град или повеќе градови во ист локал. Crimine ги контолира сите локали во светот и тие мора да се покорат на сите негови наредби.
Секој локал брои најмалку 49 членови и одговара пред титулата capo locale (шеф на локалот). Тој управува со криминалните активности на својата територија, свикува состаноци, одлучува за прием во членство, за унапредувањата и ги разрешува конфликтите. Исто како capo crimine во централната организација Ндрангета, секој capo locale е опкружен со capo società, со неговиот главен шеф: mastro di giornata, кој ги проследува упатствата на подредените (во сленг, „емитува вести“); и contabile кој ги надгледува финасиите стекнати со незаконското работење, т.н.valigetta (куфер).
Локалите имаат двојна структура: Società Minore (ниско друштво), кое се состои од најниските членови, и Società Maggiore (високо друштво) , кое се нарекува и Società Santa (Свето друштво), составено од нивните претпоставени. Ндрангета има многу чинови (познати како doti), и позицијата на некој од членовите ги одредува неговите задачи, одговорност и плата.
Во Società Minore, на најниското скалило е giovane d’onore (почесен младинец), потомокот на босот или почесниот член според роднинската линија. Над него е picciotto d’onore (почесно момче), првата улога што им се доделува на оние кои ќе станат нови членови на Ндрангета. Тој ги извршува услужните задачи, главно физичка работа, додека не ја заслужи позицијата camorrista (буквално, „оној што ги собира парите од изнудата“) и ги презема врз себе посложените задачи. На највисоката позиција во Società Minore е sgarrista (војник).
Во горниот дом на локалот, Società Maggiore, се влегува како santista (името се однесува на припадноста кон светото друштво, или Società Santa). Едно скалило повисоко е vangelo (евангелие), кое е наречено така поради тоа што се заколнал на верност на Ндрангета, ставјќи една рака на Библијата (на левото рамо носи тетовиран крст). Следниот е trequartino (три четвртини), кој има привилегиран пристап до три четвртини од организацијата ( има крст на десното рамо и ружа од смарагд на стапалото). Чиновите потоа се нижат нагоре: quartino (една четвртина), padrino (кум), crociata (крсташ), stella (ѕвезда), bartolo (потеклото на оваа титула е непознато), Mammasantissima (Блажената мајка), infinito (вечност). Највисоката титула во Società Maggiore му припаѓа на Conte Agadino. Името најверојатно потекнува од грофот Уголин кого Данте го опишува како оној што во пеколот ги јаде своите деца. Босот на Ндрангета смее да ги јаде своите деца, да ги продава или жртвува без да стане жртва на vendetti, на крвната одмазда. Да се стапи на врвот на Ндрангета буквално значи здобивање со моќ да можеш да убиеш и да ја предадеш родената крв.
Иницијацијата во Ндрангета се вика „крштевање“. Членовите стојат во полукруг и меѓу себе ги прифаќаат кандидатите за крштевањето од „garant“ некој вид кум кој гарантира за идниот член и за чесноста на неговата намера да се приклучи на кланот.Ритуалот го води Capo società, поставувајќи му прашања на кадндидатот и читајќи му го кодексот на честа на кој ќе мора да се придржува по цената на својот живот. Крштевањето на мафијата е „крваво“. Прстите на новиот член се сечат со остар нож така што капка од неговата крв паѓа врз молитвената картичка со сликата на Архангел Михаил, патронот на Ндрангета чиј еден агол потоа се пали. На крајот на оваа церемонија, настанува новиот „чесен човек“. (Секое унапредување во нов чин има свој посебен ритуал.)
Делува невозможно, но дури и денес, додека го читате текстов, младите луѓе стапуваат во злосторнички организации преку древните ритуали. И не само во Италија, во целиот свет.
Ноќта на 15 август 2007 година, во тивкиот град Дуисбург, во Германија, се случи последниот чин од шеснаесетгодишната кавга. Нирта Странџо и Пеле –Вотари двата најмоќни клана во Сан Лука, калабриско село кое се смета за седиште на Ндрангета, биле во војна од 1991 година. Сé почна со една обична карневалска шега: за време на прославата, некои момци од кланот Нирта Странџо фрлаа јајца и брашно пред барот кој го држеше членот на семејството Пеле, и ја замачка колата на семејството Вотари. Тоа веднаш се доживеа како навреда, затоа што секој знаеше дека семејството Странџо сака да го прошири влијанието над својата територија. Така настана спорот во кој следната деценија беа убиени повеќе од десет луѓе. Последните убиства беа извршени споменатата ноќ во Дуисбург, кога кланот Нирта-Странџо се подготвуваше да ја одмазди смртта на своите луѓе. Убија шест лица поврзани со семејствата Пеле-Волтари, речиси сите многу млади, пред италијанскиот ресторан Да Бруно, во кој една од жртвите го славеше својот 18-ти роденден. Подгорената молитвена картичка со сликата на Свети Михаил , која беше пронајдена во џепот на почесниот гостин, ги наведе истражитерлите да заклучат дека во ресторанот најверојатно се изведувала иницијацијата на Ндрангета. Таму е пронајдена статуата на Свети Михаил, а на ѕидот од задната соба без прозорци бројни икони на Мадона ди Полси (Пресвета Богородица на Полси, на која и се поклонуваат членовите на Ндрангета), пред долгата маса наредена за 12 луѓе.
Да се биде во криминална организација значи да се биде член на структура од која еден дел е деловна фирма, дел е верски ред и еден дел е древната војска ( како римската војска, организирана во легии). Легенди и кодекси во мафијата има во изобилство, а таа ги користи за изградба на колективниот идентитет на своите членови. Ритуалите се корисни бидејќи се воспоставуваат правилата во светот без правила: италијанските злосторнички семејства се сметаат за најсигурните организации на подземјето во светот, бидејќи имаат прописи кои не се правила на судската пракса или законот, туку на однесувањето и дисциплината во противзаконските дела (кои, по дефиниција, немаат правила).
Можеби звучи парадоксално тоа што една земја која е позната по апсолутното отсуство на какви било правила има мафија со најмногу правила во светот. Италијанските мафијаши се конзервативни и традиционални, што е крајна спротивност на нивните модернизирани, еманципирани роднини од Америка. Џо Пистоне (“Doni Brasko”), агент на ФБИ кој се инфилтрирал во Мафијата во Њујорк, зборува дека што повеќе мафијата се американизира, тие само стануваат обични насилници, кои упорно не успеваат да сфатат дека злосторствата не ги правиш само за да се збогатиш, бидејќи доколку ги кршиш правилата на мафијата, го кршиш и нејзиниот начин на живот.
Во седумдесетите години од минатиот век, Винченцо Макри, внукот и наименуваниот наследник на Антонио Макри, босот на Ндрина Сидерна (во Калабрија), бил отпуштен од организацијата поради своето однесување. Тој возел веспа, излегувал во маица и шорцеви, и на крајот бил тргнат. Дури и денес Ндрагетистот мора строго да се придржува на одредени параметри. Тој не смее да биде плејбој и мора да внимава на тоа да не предизвикува проблеми, мора да ги избегнува конфликтите и глупавите испади. Со други зборови, не смее да свртува непотребно внимание.
Секогаш ме изненадува духот на апсолутната посветеност што ја покажуваат босовите на криминалните организации. Често се прашував како може човек со децении да ги издржува условите во затворите со максимално обезбедување (во кои, според италијанските закони мора да се чуваат босовите). Тоа ќе го разберете кога ќе видите како живеат босовите како слободни луѓе, или уште полошо како бегалци. Тие се принудени да живеат во тесните бункери додека се кријат од силите на редот и законот.
Во Италија има повеќе бункери од каде било. Постојат места како што е областа околу гратчето Локри во Калабрија, каде се дел од секојдневниот живот на секого. Домаќинствата прават бункер речиси рефлексно, подготвувајќи се за најлошото: со малку среќа, за бункер нема да има потреба, но подобро е да се има за секој случај. Бункерите се составен дел на градежните планови за изградба на нови домови. Тоа е како загрижените родители да размислуваат за иднината на своите синови, нудејќи прибежиште во кое ќе го поминат времето како бегалци. Покрај тоа, може да им затреба и на роднините, зетот, братучедот или вујкото. Мафијашот знае дека порано или подоцна ќе може да живее во надворешниот свет само ако знае да се сокрие.
Бункерот, сепак, е повеќе филозофија отколку скривница. Филозофија на животот на мал простор, воздржани од излегување, без сончева светлина. Тоа ви е како кавез за животно. Тоа е зајачка дупка која изгледа како да е правена за човек само поради сиромашната колекција на лични предмети во него: молитвената картичка, порно списанија, каталози за часовници и автомобили, предмети кои докажуваат дека моќта на мафијашот е внатрешна, а не надворешна. Босот мора де се задоволи со сликите на овие часовници и луксузните автомобили, тој ги купува со очите, бидејќи никогаш нема да може да го напушти неговто пајаково гнездо.
Тоа е цената што некој мора да ја плати кога ја посакува вистинската моќ, моќта над животот и смртта.
Вајс