Нетанјаху се обрати пред американскиот конгрес: Нашите непријатели се и ваши непријатели

Израелскиот премиер доби овации кога излезе на говорницата, а пратениците во текот на говорот постојано стануваа за да му аплаудираат

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одржа речиси едночасовен говор во американскиот конгрес, во кој побара САД и Израел да застанат рамо до рамо, со цел да му се спротивстават на Иран.

Бенјамин Нетанјаху одржа говор пред американскиот конгрес / Фото: EPA-EFE/WILL OLIVER

Односите меѓу Америка и Израел ги опиша со реченицата „големи сојузници и верни пријатели“.

„Нашите непријатели се и ваши непријатели“,

рече Нетанјаху, барајќи од Америка побрза воена помош, додека знамињата на двете земји беа закачени на неговиот ревер.

Нетанјаху доби овации кога излезе на говорницата, а пратениците во текот на говорот постојано стануваа за да му аплаудираат.

Според него, САД и Израел се на раскрсницата на историјата и оти во ова време на глобален пресврт си требаат еден на друг повеќе од кога било.

Нетанјаху им порача на американските конгресмени дека „победата е на повидок“.

„Кога Израел ќе го победи Хамас, тоа ќе биде силен удар за иранската оска на теророт. Хезболах, кој дејствува во јужен Либан и кој речиси секојдневно го напаѓа Израел во последните девет месеци, е уште еден член на истата иранска оска. Израел ќе стори се што е потребно за да воспостави ред на северната граница и да го врати нашиот народ безбедно во нашите домови“,

рече Нетанјаху, додавајќи дека ќе го уништи Хезболах.

Му се заблагодари на претседателот Џо Бајден што застана покрај нив во нивниот, како што рече најтемен час, потсетувајќи на нападот на Хамас на 7 октомври – кога беа убиени 1 200 луѓе, а 251 беа земени како заложници.

Како што рече, лично е вклучен во пронаоѓањето на заложниците и се надева дека ќе успее во тоа.
Пред неговиот говор, илјадници демонстранти се собраа пред зградата на американскиот Капитол во Вашингтон. Бараат итен прекин на огнот во Газа, како и апсење на Нетанјаху.

Претставниците на Демократската партија одбија да присуствуваат на седницата.

Нетанјаху порача:

„Дајте ни ги алатките побрзо и побрзо ќе ја завршиме работата“.

Нетанјаху му се заблагодари и на Трамп за преместувањето на американската амбасада во Ерусалим за време на неговиот мандат.

На крајот од својот говор Нетанјаху рече дека дошол да им се заблагодари на САД.

„Во име на народот на Израел, дојдов овде да ви се заблагодарам Америко“,

рече тој.

- Реклама -