Несреќа кај Ласкарци: Возачот возел со недозволена брзина и го манипулирал тахографот, седуммина приведени

Главната причина за излетувањето на автобусот на Дурмо Турс кај Ласкарци е тоа што возачот возел со недозволена брзина од 99 километри на час, соопшти обвинителот Сашо Рајчев на пресот на Јавното обвинителство. Бидејќи возел со недозволена брзина, тој го активирал уредот за манипулација на тахографот со цел тој да не ја покажува реалната брзина.

Како што објасни Рајчев, дозволената брзина за возила од ваков тип со тежина до 3.5 тона е 100 км/час, но за конкретниот автобус на Дурмо Турс, кој тежи 15 тона, дозволената брзина е 80 км/ч. Поради неприлагодената брзина, возачот изгубил контрола над автобусот, а поради технички проблеми со сопирачките, не успеал да го запре возилото.

Вештачењето покажало дека во критичното време возачот не употребувал мобилен телефон.

Покрај возачот, приведени се уште пет лица против кои се води истражна постапка. Меѓу нив е и сопственикот и управител на Дурмо Турс, поради тоа што не ги почитувал законите и го препуштил управувањето на второосомничениот, кој немал соодветен сертификат.

Понатаму, најмалку двапати била издадена документација за исправност на автобусот, и покрај тоа што првата контрола покажала одредени недоследности во системот со сопирачки, а вториот пат воопшто и не бил извршен преглед на исправноста на автобусот.

Шестмината осомничени, Јавното обвинителство ќе ги гони за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Истовремено, приведено е и седмо лице поради „несовесно работење во службата“. Ова лице издало потврда дека тахометарот во автобусот бил целосно исправен, а без претходно да ги направи сите проверки. Против него е поведена кривична постапка бидејќи делото не е такво да подразбира истражна постапка.

Сите седуммина се лишени од слобода, а за шесте осомничени Обвинителството ќе побара притвор. За седмото лице ќе побара мерки за претпазливост.

https://www.facebook.com/a1onmk/videos/304053780282219/

- Реклама -