Нереди во Даблин, демонстрантите не сакаат центар за азиланти, запалена градежна механизација во фабрика

Петнаесет лица синоќа беа изведени пред Окружниот суд во Даблин во врска со нередите што избувнаа за време на протест против изградбата на нов центар за баратели на азил. Некои демонстранти запалија палети и градежна механизација во поранешната фабрика „Crown Paints“ во северен Даблин, по што избувна голем пожар.

Работите за изградба на новиот центар на местото на поранешната фабрика требаше да започнат во текот на неделата. Ирскиот премиер Сајмон Харис ги осуди немирите. Приведените се обвинети за прекршоци против јавниот ред и мир, вклучително и непочитување на наредбите на гардата и закана и навреда.

Петнаесетмината приведени подоцна се ослободени под услов да се држат настрана од местото на бунтот. Утрово пред судот треба да се појават уште четворица приведени. Повеќе од 200 припадници на ирската гарда пристигнале на местото на немирите, пишува Би-Би-Си.

Оштетени се три полициски автомобили, од кои едното е запалено, јави ирската телевизија RTÉ. Неколкумина од припадниците на гардата беа повредени во судирите со демонстрантите. Налутената толпа фрлила пиротехнички средства кон нив.

Ирската министерка за правда Хелен Мекенти рече дека е „згрозена од криминалното однесување што се случи“. Таа додаде дека тие кои се вмешани во немирите ќе се соочат со строга казна.

- Реклама -