Немам вујко владика, а немам ни вујко

nepotism
Предлог дрес за македонска репрезентација.

Едно време, во турско, изразот беше „вујко владика“. После стана „зет-шура-баџанаизам“, познат и под формата „кој кум, кој старосват, кој на невестата брат“. Денес, одредени функции уште влечат од истите корени – ги викаме „земљак“ и „наше дете“ (како што го викаме, на пример, на девер ми Петко золвиниот син)…

Потоа терминот се трансформираше во „активни борци против комунизмот“ и „роднина-милиционер“, за дури потоа да се трансформира во термин ослободен од секакви негативни конотации – „врски“. По најново, ги викаме „контакти“, а понекогаш користиме и термин со вметнати позитивни конотации – „пријателства“. Иначе сé си е тоа едно-исто. Терминот го менуваме за да не се дознае како со генерации ги буткаме нашите, а концептот си е тој, и си работи беспрекорно, барем за тие со многу „пријатели“.

Тоа е еден чуден балкански феномен со една единствена манифестација, која не толерира критицизам и не подлежи на морал, чест, закони или некакви си таму Соломонови апстрактни мудрости за општото право.

Како така сите во власта (тогашната или денешната) се братучеди? Како тоа 100-тината најелитни комунистички фамилии навистина успејаа да изградат комунизам, ама само за себе? Како да се скротат сомничавите умови на педесетина несреќни дипломци кои чекаат на ред за ситна услуга во државната администрација? Како така детето на Петко се запиша во средно кога се полагаше приемен, а на листата беше 8 места подоле од твоето, што не успеа да влезе во квотата? Како тоа опашката од немоќни старци и баби треба да чека пред младиот студент кој е син на докторската комшика, иако дошол последен и без закажано? И од каде се појави тој новиот колега, кој веднаш го поставија за раководител на соседниот оддел, каде што ти требаше да бидеш унапреден? Нели немаше конкурс за работни места?

Еее, требало да се распрашаш порано – сега ќе знаеше дека постои академија за некадарни падобранци.

Тука никој нема слушнато за римскиот принцип „vir bonus, vir optimus“, според кој треба да се избере најдобриот, најчесниот, тој што најмногу заслужува. Не, ние се сметаме за кадарни да бидеме дел од цивилизираната Европа и без такви луксузи, до толку сме закон. А и случајно да нé примат некаде, јас и ти, што немаме ни вујко-владика, ни вујко на функција, пак ќе си талкаме изгубени.

- Реклама -