Дали сте знаеле дека пандите лаат, цврцорат и завиваат?
Кинеските истражувачи открија 13 звуци кои што пандите ги користат при меѓусебната комуникација, иако имаат репутација на осамени суштества.
Истражувачкиот центар за џиновски панди од Кина е дом за околу 200 панди, кои научниците ги снимале, а потоа ги анализирале нивните гласови при разни активности, како што се парење, доење и борба. Научниците откриле дека животните меѓусебно комуницираат и за таа цел користат знаци како што се рикање, лаење, завивање, шкрипење, блеење и цврцорење.
„Верувајте дека нашите истражувачи беа многу збунети кога започнавме со проектот, што се запрашаа дали проучуваме панди, птици, куче или овца, вели шефот на центарот, Занг Хемин. Занг објаснува дека првиот јазик кој го користат малечките панди е „Гу-Гу“ – гладен сум, „Вау Вау“ – не сум среќен или „Чу-Чу“ – убаво.
„Возрасните џиновски панди се најчесто осамени, па единствено од мајка им можат да го научат својот јазик“, вели тој.
Занг забележал дека за време на парењето, женките панди цврцорат. Покрај тоа, женките исто испуштаат звуци налик на птици кога сакаат за изразат збунетост или страв.
„Ако мајката панда започне да цврцори како птица, тоа може да значи дека таа е загрижена за своите малечки. Кога ќе почувствува странец во близина, започнува и да лае гласно“, вели научникот.
Научниците во Центарот работеле на проектот за јазикот на пандите од 2010 година и планираат да продолжат со студијата применувајќи технологија за препознавање на гласот.
„Ако успееме да го разбереме нивниот јазик, тоа многу ќе ни помогне во заштита на овие животни, особено во дивината каде се изложени на опасност“, вели Занг.