„Нема струја за електричниот стол“ ќе гостува во Београдско драмско позориште

Велешкиот театар со претставата „Нема струја за електричниот стол“ утревечер ќе гостува во Београдско драмско позориште. Гостувањето е дел од меѓународниот протокол за соработка „Наши денови“, чии потписници се Београдско драмско позориште, Српско народно позориште Нови Сад, „Ујвидеки Шиназ“, Нови Сад, театарот од Велес.

Претставата „Нема струја за електричниот стол“ од Александар Секулов, а во режија на Дејан Пројовски, ја имаше својата премиера во април 2023 година на сцената „Петре Прличко“ во НТ Џинот, Велес, а беше изведена на МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп, на Интернационалниот фестивал на монодрамата во Битола – во чест на фестивалските лауреати и на Интернационалниот театарски фестивал „Сцена на крстопат“ во Пловдив, Р. Бугарија.

Покрај Секулов и Пројковски, претставата ја потпишуваат: Сашо Димоски – драматург, Сашко Костов – композитор и изведувач на музиката во живо, Филип Коруновски – автор на сценскиот дизајн и постерот за претставата, Борче Конзулов – автор на анимациите и Данчо Стефков – реализација на камери во претставата.
Приказната е сместена среде апокалиптична околност во која се поместени двата лика – оној што е осуден на смрт со електричен стол и оној што треба да ја изврши осудата. Дијалогот пласира луцидна, иронична и саркастична приказна, која низ мултинаративен систем генерира уникатно сценско доживување. Овој мултимедијален проект има цел да ги преиспита границите меѓу сценското дејство, филмскиот израз и видео анимацијата преку постојаното претопување на различните медиуми во единството на театарската претстава.
Ова е прво гостување на Велешкиот театар во оваа реномирана театарска куќа.

- Реклама -