Нема продолжување на учебната година во средните училишта

Нема продолжување на учебната година во средните училишта, заклучи Владата на денешната седница на која донесе одлука за утврдување на бројот на наставните денови во учебната 2021/2022 година во средните училишта.

„Со оваа одлука се утврдува дека бројот на наставните денови во тековната учебна година во средните училишта изнесува 146 наставни денови, односно дека нема продолжување на учебната година“, информира прес-службата на Владата.

Владата на оваа седница ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од склучување договор за грант за проектот „Рехабилитација на објекти за физичко образование во основните и средните училишта и набавка на спортска опрема во Северна Македонија“, меѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за образование и наука и Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ).

„Грантот доаѓа од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), во висина од три милиони евра и е наменет за реконструкција на 30 постоечки училишни спортски сали во основни и средни училишта и за опремување со спортска опрема на 50 постоечки училишни спортски сали во основни училишта“, соопшти владината прес-служба.

МИА

- Реклама -