Нема да ви се верува, ама Фејсбук им објавува војна на „Нема да ви се верува“ насловите

18621642175720acf079c53546318795_wide[1]

Во борбата за опстанок порталите баталуваат и срам и перде и секогаш се служат со подли трикови за да натераат што повеќе луѓе да им кликнат на веста. На Фејсбук не му се допаѓа ваквата ситуација и веќе некое време се заканува дека ќе им објави војна на ваквите наслови (освен ако порталот не ѝм плати за промовирање на тој пост, тогаш Фејсбук ќе ви го сервира текстот сеедно).

Како и да е, неодамна компанијата објави дека ќе почне да го мери времето кое корисниците го поминуваат „читајќи“ статии на чии линкови кликнале на Фејсбук, а потоа алгоритмот на друштвената мрежа, врз основа на добиените резултати, ќе проценува дали во иднина текстовите од истите или сличните сајтови ќе им бидат од значење на корисниците.

Со други зборови, што повеќе време поминувате читајќи некој текст, поголема е веројатноста дека ви е интересен и дека ќе сакате нешто слично да прочитате и во иднина.

Опцијата засега ќе биде достапна само на Instant Articles статиите прочитани на веб прегледувачите на смартфоните.

Исто така, Фејсбук пробува да најде начин да ги казни веб страниците кои објавуваат премногу често, бидејќи сака на корисниците да им прикажува што поразноврсна содржина во News Feed (освен ако не се соберат 10 портали што ќе платат за промоција на постовите, нели, па Фејсбук пак да ве поплави со нивните статии).

- Реклама -