Неколку нешта што се случуваат во божикните филмови, а немаат врска со реалноста

Камо да беа Нова година и Божик како на филмовите, ама не се… Еве што сé се случува во божикните и новогодишни филмови, а нема врска со реалноста.

Врне многу снег

Да… Ако живеевме во ’82-ра, кога сепак постоеше некаква зима, може.

Да, во филмовите за Божик секогаш има пријатен мек снег насекаде, додека ти слушаш грмотевица во декември. Зошто па да не?

Паралелно со тоа, патиштата во зима на филмовите се извонредно чисти, ете така, магично. Снегот врне претежно на тревата, како така?

Добрите и послушни деца, кои никогаш не се караат за ништо и не боледуваат ниту еднаш преку целата зима, весело се лизгаат со санките по цел ден, додека нивните родители насмевнати ги гледаат додека пијат чајче од брендирани термоси или шолји со ирваси.

Очигледно дека да ги гледаат децата по цел ден за време на едниот од двата распусти во годината ги прави среќни.

Сите добиваат супер подароци

Во секој божикен филм има двометарска елка во средината на холот во домот, околу која се одвива дејството. Во истиот дом има и камин, добри кучиња (некои од нив дури и прозборуваат во пораната или подоцната етапа на филмот), украси во вредност од едно 600 евра и подароци под елката во фенси пакетчиња.

Да, подароците ги има многу, големи се и супер-елегантно наместени под елката. Додека ти добиваш горна пижама од Стружанка и подаруваш парфем на промоција и евентуално чоколада Милка, на телевизија некој ја распакува својата електрична гитара, добиена онака, на подарок за Нова година. И да ти биде уште потешко, тој некој во филмот некогаш не ни знае да свири.

Лошите сфаќаат дека се лоши и неповратно стануваат добри

Доброто го победува злото, луѓето си прават добрини, сите се исполнети со позитивизам и доживуваат катарзи, и сé тоа не со лажна, туку со искрена насмевка.

Семејствата се собираат заедно околу богато натрупаната трпеза, никој не штрака на телефонот, никој не гледа новогодишна програма со Драган Вучиќ, никој не се буни дека не се доварени или се препечени сармите, никој од тинејџерите не се враќа пијан дома и повраќа, ниту пак завршува на токсикологија. Секаде само добрина и мир. Исто ко у real life.

Тие што се сингл нагло престануваат да бидат сингл

Прочитајте и:  Штип одвои 1 милион денари за „Кристмас маркет“

Луѓето се бркаат по аеродроми, се откажуваат од качување на прекуокеански летови во име на љубовта, додека ти седиш и се убедуваш со дечко ти да престане да се жали дека му е ладно и да фати автобус од Влае до Ново Лисиче, барем да му го дадеш поклонот (пижама од Стружанка, нели).

Мажи изјавуваат љубов пред домовите на саканите, додека истите тие жени внатре ги чекаат новите дечковци. По две три пролеани солзи парот се смирува, и никој не се чувствува отфлен како скинат чорап под креветот.

Луѓе, дотерани како за на модна ревија, едноставно си седат дома

Никој нема дупче на чорапата. Впрочем, не ни можеме да видиме, зашто западњаците и по дома шетаат со кондури. Ги соблакаат само откако ќе легнат во креветот мртви уморни.

Исто така нема да видиме ни фрлени чорапи за перење некаде низ куќата. Единствениот чорап во целиот филм е закачен на каминот или под елката, и е полн со чоколади од кои не се дебелее, а понекогаш и со дијамантски прстен.

Сите се ултра мега гига фешн тренди во своите профи плетени божикни џемпери со еленчиња и снегулки, под нив црвена секси долна облека со бели плишани рабови, како и други тематски облеки, за разлика од тебе кој седиш во тренерката што си ја носел во средно, а сега веќе некое време ја користиш како пижама.

Сите јадат до експлодирање, а се секси as fuck

Привремено тажни жени, кои за некаде пола саат ќе бидат запросени (ама уште не го знаат тоа), депресивно сркаат сладолед од кофа или гнетат пуканки, чипсови, пржени компирчиња и бургери по цела ноќ на каучот додека гледаат романтични филмови на телевија, и тоа обично црно-бели филмови од 1965-та. Притоа, ништо од тоа што го јадат не им се познава на секси фигурата. Со исклучок на Бриџит Џонс.

И покрај сето ова, сé мириса на цимет и печени костени/бадеми, на топло чоколадо и чај од шипка-ѓумбир… Или барем така насетуваш од дијалозите што доаѓаат од телевизорот, додека во реалноста ти го слушаш комшијата како ја преточува зелката на соседниот балкон. И се почнува полека да губи смисла…

А. А.

- Реклама -