Некогаш поголеми се шансите да ве удри метеор, отколку да добиете на лото. А сепак, тешко е да се одолее на мислата дека со ризикување на толку малку пари можете наводно да добиете толку многу. Како и да е, пред да потрчате кон следната среќка, прочитајте го ова.
Што ако најдеш фрлена добитна среќка?
83-годишниот бездомник Едвард Сент Џон пребарувал по контејнер, кога нашол фрлена среќка која всушност се покажала добитна за милион долари. Меѓутоа, наскоро се појавил и „сопственикот“ на добитното ливче, кои тврдел дека по грешка го фрлил во ѓубре. На крајот, Сент Џон морал да прифати спогодба од само 140.000 долари.
Главен таргет на лотаријата ѝ се сиромашните
Американските сојузни држави имаат огромен проблем: лотариите најмногу заработуваат во најсиромашните окрузи. Како што откри The Atlantic во 2014-та година, лотаријата на Северна Каролина најмногу профит направила во реоните со највисока стапка на сиромаштија – од 20 окрузи со сиромаштија над 20%, дури 18 бележеле профит од продажба на среќки во износ од 200 долари по глава на жител!
Многу од државите заработуваат повеќе од лотарија отколку од даноци
Во САД на пример, 11 од сојузните држави повеќе заработуваат од продажба на лотариски ливчиња отколку од данокот на добивка кој им го наплаќаат на компаниите. Добивката на лото исто така подлежи на данок, па во Роуд Ајленд, на пример, секоја добивка над 600 долари се оданочува со 45%.
Некогаш и продавачите на продавачките места лажат
Некогаш кога ќе појдете да ја подгнете помалата добивка, некои од похрабрите продавачи ќе пробаат да ве убедат дека не сте освоиле ништо. Нема да ви се верува во колку такви случаи добитниците ја купуваат приказната и ја прифаќаат лагата дека погрешно виделе некој број. Тогаш обично или разочарани ја оставаат на пултот, или ја фрлаат во кантата веднаш до него… Контате? А ако сепак успеете да докажете дека сте во право, продавачот ќе се вади дека тој погрешно видел.
Калифорнија, на пример, имаше многу проблеми со ваквите случаи. На крај почнаа да праќаат полицајци во цивилка да купуваат грепки и да ги ловат трговците што ги мамат добитниците.
Помалите продавници во голема мера зависат од продажбата на среќки
Кај нас среќни нема во секое второ дуќанче, ама во САД дуќанџиите би изгубиле и до половина од својот дневен профит кога би престанале да продаваат лотариски ливчиња. Освен тоа, и дуќаните добиваат одреден процент од сите добивки, а кога некое продажно место ќе се прочуе како локацијата каде е купен добитен тикет, обично добива 20-процентен скок на продажбата на среќки – бидејќи луѓето сметаат дека баш таа продавница носи посебна среќа и шансите им се поголеми. Да не зборуваме и за неизбежниот скок во продажбата и на другите продукти.
Со невработеноста расте и продажбата
Во време на најлошата рецесија во САД во 2008 година, дури 22 државни лотарии остварија рекордни продажби. „Веројатно луѓето мислат дека купувањето лотариски ливчиња ќе им надомести за изгубената работа со значајна сума пари“, вели економистот Герик Блелок од универзитетот Корнел. А човечки е – да се верува дека сé се случува со причина, и дека загубата на работното место некако е знак дека сега универзумот е должен да ви се оддолжи, а ваше е тоа да му го овозможите – со купување среќка.
Добивањето на џек-потот има уништено многу животи
Истражувањата покажуваат дека дури и да освоите џек-пот, не значи дека на долгорочен план ќе добиете подобрување на квалитетот на животот. Според истражувањето на Forbes, дури третина од добитниците на лото банкротираат, а многу повеќе од нив патат од депресија, доживуваат развод или дури и се самоубиваат.
Но не мора до толку да им веруваме на статистиките. Што ќе рече Бил Бур (стенд-ап комичар) – ако си направиш базен во дворот, 100% ги зголемуваш шансите да паднеш и да се удавиш во него. Така и со лото џек-пот – 50/50 се шансите да си го разубавиш или уништиш животот.