Продуцентската куќа „Disney“ се соочува со тужба. Зошто? На снимањето на новиот филм „Аладин“ на белите актери им ја боеле кожата со кафена боја, ете затоа.
Како што веќе пишувавме неколку пати, интернет „воините за социјална правда“ многу се лутат кога бели луѓе си ги бојат лицата во бои слични на кожата на други луѓе. Кликнете на тагот „расизам“ на крајот од текстов, и ќе видите неколку примери.
Филмските критичари, борците за еднаквост, обожавателите на култниот цртан филм (наводно) и се разбира – Твитер заедницата, ја продолжуваат традицијата на навреденост, па овој потег на Дизни го нарекоа голема навреда за сите припадници на другите (небелите) етнички групи.
Филмот на кој студиото Дизни моментално работи е римејк на цртаниот филм од 1992 година, кој пак настана според бајката „Аладин и волшебната лампа“ од серијата приказни „Арапски ноќи“. Главниот лик (Аладин) го игра Мена Масуд – канадски актер со египетско потекло, а Духот од лампата ќе биде Вил Смит. Режисер е Гај Ричи.
Продуцентите на филмот се правдаат дека имаат добра причина да им ја бојат кожата на дел од актерите, бидејќи се работи за мала група искусни статисти и каскадери кои (ете) се белци и треба да бидат вклопени во приказната.
Една од споредните актерки кои работат на филмот – Каушал Одедра, вели дека на сетот видела група од 20 бели актери додека стојат во ред за да им ја обојат кожата во кафена. „Ги видов како излегуваат од шаторот за шминкање со темна кожа, личејќи на Арапи. Кога се пожалив кај екипата која стои зад филмот дека тоа што го прават не е во ред, наидов на осуда“, вели таа.
Во меѓувреме претставници на продуцентската куќа „Дизни“ истакнаа дека во снимањето учествуваат околу 400 до 500 статисти кои доаѓаат од Индија, Африка, Медитеранот и Азија. Боењето на белите глумци и каскадери го правдаат со „недостатокот од искусни статисти кои доаѓаат од наведените региони“.
Според холивудскиот режисер Риаз Мер (сосема е оправдано да не го знаете), ваквата изјава е навреда за целата индустрија. Според него, невозможно е да нема ниту еден каскадер или статист од Азија кој го може истото што и неговите колеги со бела боја на кожата. „Ова што продуцентите го прават е погрешно и тоа е голема навреда за индустријата“, истакна Мер, игнорирајќи го фактот дека 400-500 од статистите не се белци, дека главниот актер има египетско потекло, дека Вил Смит е црнец, и дека можеби ваквата одлука на Дизни е од економски аспект, а не поради расизам.
Премиерата на „Аладин“ е најавена за март 2019-та, но претходно да видиме што ќе излезе од тужбата (веројатно ништо).