Меѓу компаниите и индустријалците од Германија кои оставиле најдлабока трага во нацистичкиот режим, еден од највлијателните бил Фердинанд Порше. Тој се сретнал со Хитлер во 1934-тата, за да ги договорат деталите за развојот на „народниот автомобил“ – Волксваген, за кој фирерот барал да биде аеродинамичен како „Буба“-та. Така, пред Втората светска војна, се родил денес култниот автомобил – Порше. За време на нацизмот, откако компанијата се преориентирала на дизајнирање и производство на тенкови и воени возила, работниците доаѓале, пред се, од редовите на затворениците во концентрационите логори. Се смета дека 4 од 5 луѓе работеле присилно. Наводно, Фердинанд Порше имал и директна телефонска линија со Хитлер, за да можел да побара дополнителна работна сила кога и да му затреба.
Кога сме кај директната линија, таква блиска врска со фирерот имала и осигурителната компанија Allianz. Тогашниот шефот на компанијата – Курт Шмит, бил министер за економија во владата на Хитлер, што практично му овозможило монопол на осигурувањето во државата, особено што Allianz ги осигурувал сите објекти и вработени во Аушвиц. По „Кристалната ноќ“ во 1938-та (масивен прогон на Евреите во цела Германија и делови од Австрија и рушење на нивните домови и дуќани низ германските градови и села), Allianz му ги исплатила премиите за уништените еврејски имоти на Третиот Рајх. Згора на тоа, по војната, компанијата одбила да ги исплати полисите за животно осигурување на оние кои никогаш не се вратиле од логорите, наведувајќи бизарна причина – семејствата не поседувале умреници за нивните блиски.
Црните униформи на „Одбранбениот сквадрон“, познат како Schutzstaffel и уште попознат по кратенката SS, се дизајнирани од… Хуго Бос, тогаш член на нацистичката партија. Негова заслуга е и дизајнот на униформите на Sturmabteilung (SA) – парамилитарното крило на нацистичката партија. Ова се случувало уште во 30-тите, само 8 години по основањето на компанијата. Бизнисот одел толку добро, што набрзо Хуго Бос имал потреба од „принудни работници“ (робови) од Полска и Франција. Паралелно со униформите, цветал и бизнисот на чизми за војската, а ги произведувал Адолф Даслер. Неговото име можеби не ви значи многу, ама името на компанијата што ја основал малку подоцна ви е и тоа како познато – Аdidas.
„Се разбира дека мојот татко бил нациста. Кој не бил во тоа време“, рече синот на Хуго – Зигфрид Бос, во 1997-та.
Така, не е чудно што и Гунтер и Херберт Квандт, таткото и синот на чело на компанијата Bayerische Motoren Werke (ние ја знаеме како BMW), исто така биле членови на нацистичката партија. И не само тоа, лично биле блиски со Хитлер, а Гунтер некое време бил и во брак со Магда Гебелс, сопругата на нацистичкиот министер за пропаганда Јохан Гебелс и близок сојузник и поддржувач на Хитлер. Нивните потомци (Квандт) до ден денес се сопственици на BMW, а од годинава се и официјално најбогати Германци – заедно тежат 31 милијарда евра. Инаку, BMW признава дека „вработила“ околу 30 илјади присилни работници (историчарите велат 50 илјади), кои изработувале мотори за авионите на нацистичката авијација (Luftwaffe) и мотоциклите на копнената војска (Waffen SS), како и муниција, батерии и оружје. Семејството Квандт имало свој удел и во VARTA – кои производувале акумулатори за Daimler-Benz (производител на Mercedes, во кој често се возела нацистичката елита).
Најголем профит од нацистите остварил огромниот конгломерат IG Farben – своевремено четврта најголема компанија на светот, по General Motors, U.S. Steel и Standard Oil. Меѓу другото, IG Farben бил главниот производител на Zyklon B, гасот кој се користел за масовни убиства во гасните комори во логорите. Во истото друштво е и Bayer, фармацевтски џин прочуен по лекот Aspirin. И IG Farben, и Bayer, масовно користеле принудни работници.
А ги користел и Siemens. Во фабриките изградени во близина на Аушвиц и Бухенвалд се произведувало речиси се што и било потребна на германската војска. Стотина илјади присилни работници произведувале делови за железницата и комуникациска и енергетска инфраструктура. Токму Siemens е компанијата што ги градела гасните комори.