Негативните последици од слушањето новогодишна музика одново и одново

Доброто кај нас е што нашиве музичари немаат трефнато некој новогодишен хит од калибарот на „Christmas is coming“ што ќе се врти постојано и во секоја продавница во предновогодишниот период, секоја можна година. Но тоа не значи дека болката ни е непозната. Пуштете ја музиката од оние поевтините и сеприсутни новогодишни сијалички да свири подолго од 2 минути и веднаш ви е јасно за што зборуваме.

Ако и самата помисла ве излудува, не е случајно. Науката вели дека „предозирањето“ со празнична музика е и официјално лошо по вашето здравје. Не само поради заразната мелодија и баналните default стихови, туку и затоа што всушност нé спречува да се фокусираме на било што друго.

Според психологот Линда Блер, слушањето на „Santa Claus is coming to town“ на „рипит“, одново и одново, може да има вистински негативен ефект врз вашиот мозок.

„Луѓето што работат во продавниците за Нова година/Божиќ мораат да се исклучат од новогодишната музика, бидејќи ако не го направат тоа, навистина ги спречува да се фокусираат на било што друго“, т.е. на самата работа, објаснува таа. А главниот проблем е што „едноставно ја трошите целата ваша енергија обидувајќи се да не го слушате тоа што го слушате“.

Е па, ако е толку истоштувачки, зошто новогодишната музика ја има насекаде?

Па, истражувањата покажуваат нешто што веројатно веќе го насетувате; Имено, со постигнување на перфектен баланс меѓу празнична музика и празнични ароми, „позитивно“ се влијае врз купувачот во шопинг средината. Таквата комбинација ги прави потрошувачите да се чувствуваат „посреќни“, а според студија од 2005-та, перфектната симетрија меѓу мелодиите и мирисите ги охрабрува луѓето да поминат повеќе време во продавниците, и секако, да го купат украсот, на пример, што инаку не би го купиле. Ефектот јасно се гледа преку зголемената продажба.

И не само тоа. Некои типови музика се поефективни од другите, објаснува маркетинг професорот Ерик Спангенберг, кој се бави токму со ефектот од празничната музика во продавниците во празничните периоди. Мелодиите со побавно темпо ги успоруваат купувачите, што значи дека тие ќе поминат подолго време во продавниците. Музиката со брзо темпо, од друга страна, ќе ги забрза купувачите, правејќи побрзо да ја напуштат продавницата за да преминат во другата, објаснува Спангенберг.

via Independent

- Реклама -