Владата има план за справување со преполнетоста, но истовремено и неефикасноста во администрацијата, соопшти министерот за информатичко општество и администрација – Дамјан Манчевски на вчерашната јавна расправа за измените на законот за јавната и државната администрација.
Решавањето на овие проблеми, како што рече, ќе се врши преку понуда на три пакети. Едниот од нив ќе биде на неработливите административци да им се понуди работа во приватниот сектор, и тоа за поголема плата и со придонеси кои ќе ги субвенционира државата, за да биле мотивирани и фирмите, и работниците. Логиката на ваквиот концепт, како што објасни Манчевски, е дека приватната фирма ќе плаќа помалку бруто плата затоа што државата ќе ги плаќа придонесите, а истовремено државата ќе плаќа помалку бруто плата затоа што ќе има помалку административци.
Другиот концепт е она што го бараат стопанските комори – државата да плати за преквалификацијата на вработените од кои ќе сака да ја „ослободи“ администрацијата, ако тие не ги поседуваат потребните квалификации за потребите на приватниот сектор.
„Не може ништо да не се случува, а да чекаме нешто да се промени. Затоа во различни ситуации ќе има различни мерки“, констатира Манчевски.