„Недоразбирањето“ кое доведе до коалиција, Касами го нарекуваше Заев „обичен измамник“

Пред не повеќе од 7 месеци, лидерот на Беса, Биљал Касами и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски како двајца лидери од опозицијата се сретнаа на кафе во центарот на Скопје. Ова создаде впечаток за можна коалиција, додека Беса постојано му стоеше над глава на Заев со критики за многу политички прашања.

„Ниту ДУИ ниту СДСМ не ги застапуваат Албанците. Тие ги сакаат гласовите на Албанците но кога доаѓа моментот тие манипулираат со нивните права.“, рече Касами.

За една година екс премиерот Зоран Заев не го исполни постигнатиот договор со Беса во личните карти да стои етничката припадност, за која Беса во замена му даде два гласа за уставните измени.

„Секако дека Зоран Заев со оваа ситуација покажува дека тој е обичен измамник, тоа што го ветува не го исполнува, не само зборот туку и тоа што го прифаќа и потпишува“, изјави Касами.

Кога постоеше впечаток за можна опозициска соработка Беса – ДПМНЕ, сега Касами во сврте воланот лево, кон СДСМ.

Касами вели дека критикувал како опозиционер и како некој кој ја коригира власта, а добил доверба бидејќи Владата го исполнила договорот од пред една година.

„Граѓаните знаат дека Движење Беса како опозициска партија имаше договор со владата, и владата го исполни точка по точка и тука ја базираме довербата дека по овој договор кого ќе ја усогласиме и изборната програма но и структурирањето на листите и кадрите, ќе биде основа врз која ќе ја градиме взаемната доверба на двата политички субјекти во идната влада“, рече Касами.

Мицкоски вели дека големи се шансите дека нема да има предизборна коалиција со некој албанска партија, а на колегата со кого пиеше кафе, му посака среќа.

Имаше реакција и од ДУИ за коалицијата СДСМ-Беса. Портпаролот рече дека се разочарани што не е постигната една коалиција, со како што ги нарече, малите албански партии, а тоа според него е поради личните интереси кои го дефактизираат интересот на Албанците во земјава.

„Овој “сојуз“ меѓу нив, или претопувањето на Беса во СДСМ е во спротивност со албанските интереси поради дефактизирање на тежината на албанскиот глас но пред се и улогата на Рамковниот договор и механизмот на Бадентер во заштита на албанските интереси“, рече Османи.

Касами му одговори на Османи во врска со неговите зборови дека Беса се претопила во СДСМ.

„Движење Беса излезе поради револтот од неуспехот на ДУИ и Движење Беса ќе продолжи и понатаму уште долго по заминувањето во историјата на ДУИ.“, рече Касами.

Според Османи, коалицијата СДСМ – Беса е спас од исчезнување на Беса, а на прашањето дали ДУИ ќе прави коалиција со СДСМ по изборите, рече дека тоа зависи од гласот на граѓаните. Од друга страна, лидерите на партиите денеска “си дадоа збор“, Заев и Касами, најавија дека во коалицијата нема да примаат партии кои не ги исполнуваат нивните начела.

Што се однесува до листите низ изборните единици, двајцата рекоа дека се уште не ги дефинирале, додека од тоа што се зборува до сега, Касами ќе биде носител на листа во ИЕ 6.

- Реклама -