Неандерталците – нашите далечни роднини од пред 50.000 години, имале лек за забоболка – аспирин, а можеби дури и пеницилин, сугерира едно истражување.
До овој заклучок, австралиските научници дошле со генетска анализа на денталниот плак од остатоците од четири неандерталци од пештерите во Белгија и Шпанија. Примероците се стари меѓу 42.000 и 50.000 години.
Предводникот на студијата – Лаура Вејрич, од универзитетот во Аделаид, вели дека од ДНК анализата на денталниот плак извадиле низа информации.
„Денталниот плак содржи микроорганизми кои живееле во устите на неандерталците, како и патогени (тела) од респираторниот и гастроинтестиналниот тракт“, пишува таа во Nature.
Со тоа што содржи и траги од храна, денталниот плак ни овозможува единствена прилика да ѕирнеме во начинот на живот на неандерталците – од тоа што јаделе и какво им било здравјето, до тоа како ја користеле својата околина.
Едно од најважните откритија произлезе од вилицата на неандерталец од шпанската пештера Ел Сидрон.
„Страдал од дентален апсцес (гноен оток), кој е видлив на неговата вилица“, вели австралискиот научник Алан Купер „Денталниот плак ни откри и дека имал цревни паразити кои предизвикуваат акутна дијареја, што значи дека бил прилично болен. Но ДНК анализата ни откри и нешто неочекувано. Тој неандерталец јадел бела топола, која содржи салицилна киселина, која е и активна состојка во аспиринот“.
Уште поинтересно, додава тој, е што кај неандерталецот се пронајдени траги од природни антибиотски мувли – пеницилин. Таквото откритие упатува на тоа дека „неандерталецот имал солидно знаење за лековитите билки и нивните антивоспалителни и аналгетски состојки, и дека сам се лечел“.
Употребата на пеницилинот 40.000 години пред Александар Флеминг би била неверојатна. А со сигурност е спротивна на нашето популарно поедноставено гледање на нашите древни претци, истакнува Купер.
Научниците откриле и пар нешта околу исхраната на неандерталците, која според сознанијата варира во зависност од локацијата. Тие пронајдени во Белгија јаделе месо од (денес изумрениот) влакнест носорог и диви овци, а и диви печурки. Во Шпанија, се чини, биле вегетаријанци, бидејќи не се најдени траги од конзумација на месо. Напротив, јаделе зрна, мешунки, мов, и кора од дрво.