Не секое виножито ги има сите бои

26694d02320269474bacbf335cb4990b[1]

Прашај обичен смртник да ти нацрта виножито и ќе го нацрта како што би го нацртал секој друг, со сите бои на спектарот: црвена, портокалова, жолта, зелена, сина, индиго и виолетова. Прашај научник и ќе те праша кое од 12-те видови на виножита сакаш да го нацрта.

Токму така, виножитата не секогаш ги имаат сите бои. Во одредени услови, дел од нијансите знаат едноставно да бидат изоставени.

Порано, научниците ги класифицирале виножитата врз основа на големината на дождовните капки низ кои светлината мора да помине за да го создаде. Но, различните комбинации на бои што можат да се јават како последица на специфичните природни услови, всушност сугерираат дека виножитата можат да се јават во повеќе различни варијанти.

На изгрејсонце или на зајдисонце, сонцето е ниско на хоризонтот, а виножитото може да „свети“ во црвено-розевкаста боја или пак само да ги содржи појасите со црвена, жолта и портокалова боја.

redraainbow

Ова се случува затоа што во овие делови од денот светлината поминува подолг пат низ земјината атмосфера, а останатите нијанси се распрснуваат некаде по патот. На други виножита, пак, може да им фали само зелената или само сината боја.

Жан Рикард, од Францускиот национален центар за метеоролошко истражување, и неговите колеги, анализираа неколку стотици фотографии од виножита во обид шематски да ги класифицираат овие разлики. Користејќи ги боите во секоја варијанта, истражувачите ги поделиле виножитата во 12 категории. Притоа се покажало и дека аголот на сонцето над хоризонтот игра многу поголема улога во нивната разновидност отколку што се мислеше претходно.

Од друга страна, не само што виножитата варираат во колоритноста, туку и во некои неочекувани карактеристики, како на пример – формата. На пример, виножитата „близнаци“ имаат екстра обоен лак кој се протега одделно од примарниот лак. Научниците сé уште немаат постигнато согласност за тоа зошто ова се случува, но една од теориите е дека дождовните капки можат да се деформираат, истегнуваат и сплескуваат додека паѓаат, со што создаваат несферични капки кои поинаку ја рефлектираат светлината.

twin
Виножита близнаци.

Друг раритет се виножитата со повеќебројни слоеви на зелена, виолетова или розева боја. Овие веројатно се создаваат од помалите дождовни капки.

supernumerary
Повеќеслојно виножито.

„Дуплите виножита“ се уште еден феномен, кога светлината се рефлектира од дождот по два пати, предизвикувајќи бојата на едното виножито огледално да ја пресликува бојата на другото.

double
Дупло виножито.

Не сите колоритни виножитни феномени се „вистински виножита“ во строгата смисла на светлината што интерактува со капките. Пареата, маглата и росата кои се задржуваат во воздухот исто така можат да формираат свои виножита. Облаците исто така можат да создаваат прстени, лаци, ореоли и други светлосни феномени кои личат на виножита, но не се.

glory-airplane-Brocken-Inaglory-Wiki-e1428525300265[1]

Класификацијата на различните видови виножита би можела да помогне и во потрагата за вонземски живот. Бидејќи нивното формирање се базира на вода, забележувањето на слични феномени на други планети може да сугерира постоење на вода, а со тоа, и живот. Се разбира, другата придобивка е што ни овозможува повеќе да ја цениме естетската убавина и разноликост на виножитото, како појава.

- Реклама -