Туристички водич од Норвешка вознемирил поларна мечка, па сега мора да плати казна од 1.300 евра. Водичот предводел туристичка експедиција со моторни санки на Свалбард кога на далечина од 900 метри забележале поларна мечка. Решил да ѝ се приближат, за подобро да ја видат, но мечката се исплашила и побегнала.
„Прописите велат дека е забрането да им се приоѓа на поларните мечки на начин што може да ги вознемири, без оглед за која оддалеченост се работи“, соопштува канцеларијата на гувернерот на Свалбард.
Свалбард се наоѓа на околу 1.600 километри од Северниот пол. Според извештаите од 2015-та година, таму живеат околу 1.000 поларни мечки, кои од 1973 година наваму се водат како заштитен вид.