Има трговци што ќе признаат дека немаат посен кашкавал или посна павлака, ама повеќето без размислување ќе ве убедат дека можете слободно да јадете некои од тие производи и ќе ви ги препорачаат како посни. Некои тоа го прават од алчност, за да ви продадат, а други од незнаење. Од друга страна, најголем дел од потрошувачите автоматски ги сметаат за „безбедни“ за време на постите, само затоа што се „растителни“ и ги користат во припремата или во самата храна.
Вистината е дека најголемиот дел од ваквите производи во себе содржат ензими од млеко. Ако го прочитате составот, ќе видите дека во него има казеинат – протеин на млекото, што – како што наведува порталот Agropres, а и експертите во областа на технологијата на млекото., никако не може да се смета за посна намирница.
Не постои кашкавал кој не содржи ништо од млеко, но извесно е дека производителите дел од млечните масти ги заменуваат со растителни масти. Сирењето со растителни масти е многу помеко, па производителите му додаваат протеин натриум-казеинат изолиран токму од млекото – кој е добар стабилизатор и емулгатор и кој има улога да ја врзе водата од млекото и да ја уцврсти структурата на производот, за мастите да не се раслојуваат. Натриум-казеинатот е главен протеин од кој се прави сирење и не постои никаде освен во млекото.
Производите кои го содржат не се за постење – заклучуваат експертите. Според нив, постојат производи кои се прават од соја, ама тоа не би смеело да се нарекува сирење, туку производителот мора да го нарече таквиот производ со некој друг назив.
Да се разбереме, текстов не е за тоа зошто и дали треба да се пости, што е всушност постот и дали е во ред да се јадат вакви производи макар биле и „вештачки“ направени за да бидат посни. Поентата е дека има многу производи на кои стои ознаката „Посно“, а од составот јасно е дека содржат состојки од животинско потекло. Тоа е лажно декларирање и измама на потрошувачите.