„Не примаме кеш“ – загрижувачки честа глетка во Шведска

„Не примаме кеш“ – натпис кој сé почесто се гледа во шведските продавници, ама и пабови.

Електронското и мобилното плаќање освојуваат сé повеќе приврзаници и тоа е така веќе подолго време. Веќе пишувавме дека Шведска е на пат да стане првата земја што воопшто нема да користи кеш (ако е можно). Шведска е земјата која и во моментов може да се пофали со најнизок удел на готовинско плаќање во целиот свет. Многу од филијалите на банките веќе не работат со книжни и метални пари, а истото важи и за голем дел од продавниците, музеите, и разните други установи. Сите овие инсистираат и прифаќаат само банкарски картички и мобилни трансакции.

Во 2017-та година, количината на банкноти и монети во оптек во Шведска го достигна најниското ниво од 1990 година наваму, и е со над 40% под нивото од 2007-ма, т.е. од пред ~10 години. Темпото со кое опаѓа количината на кешот во оптек, регистрирано во 2016-та и 2017-та, е рекордно во целата историја на земјата.

Истражувањето на Insight Intelligence, објавено во јануари годинава, покажува дека лани само 25% од Швеѓаните учествувале во готовинско плаќање, и тоа околу еднаш седмично. 36% од Швеѓаните денес воопшто не користат кеш. За споредба, пред четири години процентот на тие што користеле готовина изнесувал околу 63%.

Овие трендови се и причината поради која централните банкари сметаат дека веќе е неопходно да се воведе дигитална парична единица – таканаречена „е-круна“, која сепак не се очекува да биде официјализирана до крајот на оваа или следната година.

Ако ги тргнеме настрана потешкотиите што електронското плаќање ги претставува за повозрасните шведски граѓани кои не располагаат со соодветните технолошки решенија (смартфони, на пример), токму темпото на дигитализација на паричниот систем во Шведска е тоа што најмногу ги загрижува банкарите и економистите во земјата.

Шведската централна банка подготвува голема промена во регулаторната рамка, а целосниот извештај се очекува летово. Законодавството исто така ќе треба да се промени.

Прочитајте и:  Шведска и Финска ги повикуваат граѓаните да бидат подготвени за можноста за војна

„Ако темпото со кое луѓето се откажуваат од физичкото плаќање продолжи и во иднина, ќе биде тешко за нас да ја обезбедиме неопходната финансиска инфраструктура“, смета Матс Дилен – член на парламентарната комисија задолжена за разгледување на законските измени. Според него, постои реална опасност од влетување во негативна спирала, со краен ефект на поткопување на целиот паричен систем.

Затоа, дури и ако биде воведена е-круна, идејата е таа да претставува само дополнување кон банкнотите и монетите, а не целосно да ги замени.

Паралелно, управителот на Riksbank – Штефан Ингвес предложи и друга мерка – на банките во земјата да им биде наложено да им обезбедуваат готовина на своите клиенти (т.е. да работат со кеш). Во спротивно, многу од нив (клиентите) ќе бидат лишени од ползување на одредени стоки и услуги, смета Ингвес. И Матс Дилен е категоричен дека дури и да се воведе е-круната, чија улога во иднина ја смета за „важна тема за дискусија“, банкнотите и монетите со сигурност треба да се зачуваат.

* * *

И додека Шведска е пионер во областа на дигиталното плаќање, слични трендови има и во други земји. Истражувањето на Централната банка на Германија покажува дека во 2017-та кешот учествувал со 47.6% во вкупниот обем на финансиски трансакции во земјата. Пред три години, тој процент изнесувал 53.2%, но првпат падна под 50% уште во 2008, кога почнало истражувањето.

Сепак, и таму како и во Шведска, дел од луѓето гледаат со недоверба на целосната дигитализација на плаќањето.

Сето ова ќе ги постави институциите и во другите држави пред сериозна дилема – дали да ги остават старите добри банкноти во живот, или да им дозволат на технолошките решенија да ги пратат во историјата…

- Реклама -