Не потпишува закони за поддршка од СДСМ или САД, ако е нешто штетно за граѓаните никој не може да му влијае – вели Пендаровски

„Засега не размислувам за втор мандат и никогаш не сум калкулирал со поддршката за нов мандат“, изјави претседателот Стево Пендаровски на денешната прес-конференција на која соопшти дека ќе ги потпише указите за законите за коридорите 8 и 10д, прашан дали со потпишувањето калкулирал за поддршка од СДСМ на претстојните претседателски избори.

„Пред некој ден направив четири години мандат, македонската јвност има прилика секој ден да го следи моето однесување. Знае дека во неколку наврати за битни проекти сум имал спротивно мислење од Владата или од партиите во сегашната Влада која ме поддржа и во 2014 и во 2019 година. Не сум калкулирал со поддршка никогаш. Слушам дека некои размислуваат и во некоја слична, малку модификувана насока, бидејќи ‘Бехтел и Енка’ се во позадина, дали ако јас потпишам ќе ја добијам поддршката од Америка и обратно. Тоа се детски анализи, никогаш немале втемеленост во реалноста. Никогаш не сум размислувал на таков начин. Ако е нешто во прилог на граѓаните го потпишувам, сосема небитно кој го предлага до мене. Ако е нешто спротивно на нивните интереси, не знам кој да се јави, не може да ми влијае“, рече Пендаровски.

Тој нагласи дека „во многу инстанци покажал дека размислува со своја глава“, при што го наведе примерот со неговата „фамозна прес-конференција од 2019-та, кога беше апсен тогашниот специјален јавен обвинител“, потоа законот за илегални градби, потоа ставот да нема минимален праг од 4-5% за евентуална промена на изборниот модел, за да можат и помалите партии да влезат во Парламентот.

Извор: МИА

- Реклама -