Не луѓе, не е точно дека користиме само 10% од мозокот

Веројатно веќе знаете за теоријата дека користиме само 10% од мозокот во даден момент. Ех, кога би можеле да искористиме поголем дел од капацитот на извонредната машина во нашите глави, кој би знаел за што сé би биле способни… Тоа е фина замисла, но штета што нема многу допир со вистината.

Иако научниците се произјаснија на темата толку многу пати и од петни жили се потрудија да го разбијат митот, денес сé уште ќе сретнете повеќе луѓе што ќе ви речат „Знаеш ли дека користиме само 10% од мозокот?“ отколку луѓе што ќе ви речат „Зарем не знаеш дека тоа е мит?“. Па ете, благодарение на сé уште големата популарност на ваквата заблуда, научниците на универзитетот МIT спроведоа уште еден експеримент што дефинитивно треба да го закова ковчегот во кој почива „теоријата за 10-те проценти“.

Во нивната студија, објавена пред два дена за Science, се демонстрира дека и при едноставни когнитивни задачи мозокот се активира во многу различни кортексни региони, и тоа од оние региони за кој се мислеше дека се резервирани за специјални функции (како што е тоа случај во теоријата за 10% проценти).

„Толку широка дистрибуција на информацијата не се совпаѓа со мислењето дека користиме само мал дел од нашите мозоци“, вели ко-авторот на студијата, Ерл Милер, професор на МИТ одделот за Мозочна и когнитивна наука.

Па, од каде мислењето дека користиме само 10% од мозокот?

Долгогодишното гледиште дека човечкиот мозок е поделен во секции „кодирани“ за дискретни процеси (на пример, видот се процесира во задниот дел, носењето на одлуки се процесира во предниот дел) влече корен од поранешните fMRI студии, кои единствено се базираат на мерење на протокот на крв во мозокот. Но, како што објаснуваат научниците, тие тестови и покрај тоа што се добри за идентификување на промените во протокот на крв при различните когнитивни задачи на мозокот, не секогаш се добри за да се види „големата слика“ за тоа што сé се случува во мозокот.

„Тие го покажуваат само врвот на сантата што се извива над водата, додека всушност, под водата, се случува процесирање во сите региони во мозокот“, вели Милер.

Експериментот

Во експериментот, на испитаниците им биле прикажани обоени точки што се движеле нагоре или надолу, паралелно со сива форма, која служела како индикатор за тоа дали вниманието на испитаникот е насочено на движењето или на бојата. Потоа, од испитаниците било побарано да го идентификуваат движењето или бојата што го виделе, со серија на движења на окото.

Научниците забележале широка неврална активност преку целата површина на мозоците на испитаниците.

1305455908597551175[1]
Дистрибуција на информацијата низ различни региони од мозокот при едноставни задачи

Заклучокот е следен:

„Некои области го процесираат движењето повеќе отколку бојата, други ја процесираат бојата повеќе отколку движењето, а некогаш можете да ја видите информацијата како се појавува во одредена област пред да се појави во друга. Но, генерално, информацијата е дистрибуирана низ целата мозочна кора’, вели Милер.

Или со други зборови, додека нашите мозоци ја извршуваат мислата преку многу различни патишта, некогаш потпирајќи се на одредени зони повеќе отколку на останатите, кога мислиме, користиме многу повеќе од 10% од мозокот.

- Реклама -